Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Брисел се сретнаа со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Во фокус на разговорот беше иднината на политиката на проширување на ЕУ, пред сè во контекст на случувањата по усвојувањето на новата методологија и можностите кои ги нуди за динамизирање на процесот, усогласувањето на Преговарачката рамка за Македонија, важноста и придобивките од регионалната соработка и унапредувањето на добрососедските односи како клучни елементи за европската перспектива, како за земјата, така и за целиот регион.
Димитров и Османи го поздравија активниот ангажман на високиот претставник на ЕУ, Борел, за поддршка на европската перспектива на регионот, како и за покренатите иницијативи за обезбедување мир, стабилност и просперитет во земјите од Западниот Балкан. Во таа смисла, тие изразија особена благодарност за неговиот придонес кон усвојувањето на одлуката за отворање на преговорите со Македонија од страна на Советот на ЕУ и потоа потврдена од Европскиот совет во март минатата година.
На средбата беше подвлечен фактот дека Македонија има навистина голем број пријатели меѓу земјите членки, чии интереси за иднината на Европа се совпаѓаат со нашите – целосно интегрирање на Западниот Балкан за конечно комплетирање на Унијата.
Димитров и Османи нагласија дека Владата продолжува со реформите со цел да се задржи фокусот на реформските процеси како би се задржало позитивното досие за Македонија.
Во однос на глобалните предизвици беше потенцирано дека земјите од Западниот Балкан покрај пандемијата, споделуваат заеднички предизвици со ЕУ и за миграцијата, борбата против организираниот криминал и тероризмот, борбата против дезинформации и хибридни закани, климатските промени, дигитализацијата и сл. Соговорниците се согласија дека успехот на европскиот проект зависи токму од солидарноста и сојузништвото, кои ќе значат потврда за споделените перспективи.
Од страна на ВП Борел беше поздравено високото ниво на усогласување на Македонија кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Средбата на Димитров и Османи со Борел доаѓа во исклучително важен момент за процесот на проширување на Европската Унија и во таа насока соговорниците се согласија дека започнувањето на преговорите со Македонија ќе придонесе за задржување на кредибилитетот на ЕУ во целиот регион.