Во вечниот дом на Тоше Проески во родното Крушево претставници на локалната самоуправа со полагање на цвеќе во 11.25 часот, го одбележаа денот на раѓање на македонската најголема музичка ѕвезда. Одбележувањето на овој ден, како што известија, нема да понуди други содржини заради состојбата со коронавирусот.
– Годинава нема да подготвуваме настан како минатата година, но положивме цвеќе и му оддадовме почит на нашиот Тоше. Денес тој има достојно почивалиште, но загубата е голема и непоправлива за Крушево, неговите пријатели, за семејството и фановите – изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.
Овој ден, е врежан во срцата на бројните обожаватели на Тоше низ целиот свет, бидеjќи како што велат, тој има само ден на раѓање.
Оксана Данаилова, член на фан-клубот на Тоше во Благоевград, Бугарија, која до пандемијата на секој роденден на Проески беше во Крушево, иницираше виртуелен настан. Фанови на Тоше од цела Бугарија, држејќи во раката по една буква напишаа: „Ве сакам сите, Тоше“.
– Тоше нѐ поврзува со љубов. Тоа е магија. Ги пееме неговите песни насекаде низ светот, ги учиме децата на неговото „Ве сакам сите“, да нема граници и сите да дишеме како еден. Затоа испраќаме голем поздрав од сите негови обожаватели од Бугарија. Македонија роди славеј како Тоше, но и човек со големо срце, кое и сега чука во нашите срца. За сите нас 25 јануари е голем празник, тоа е денот кога се роди Тоше и направи многу мостови на љубовта – ни рече Оксана Данаилова.
На социјалните мрежи од изутрина можат да се прочитаат слични, искрени, емотивни пораки на сите што го сакаа и почитуваа балканскиот ангел.
Денеска во Домот на АРМ од 9 до 17 часот ќе се одвива голема крводарителна акција, а хуманитарецот и сликар Живко Поповски-Цветин ќе им подари 40 мироносни цвеќиња на хуманите луѓе.
Дека името на Тоше Проески не е заборавено, доказ се и голем број цртежи и пораки што за него за овој ден ги напишаа најмладите, кои за него слушнале од своите родители и наставници. Нема училница во која нема катче за него.
Тоше е роден како Тодор Проески на 25 јануари 1981 година во Прилеп. Кариерата ја започна многу млад, а со мегапопуларност се стекна за само неколку години. Во краткиот период на слава тој ги полнеше сите регионални концертни сали, а во Македонија ќе биде единствениот кој неколку пати го наполни Градскиот стадион во Скопје.
Додека беше жив родендените ги прославуваше со своите блиски пријатели и колеги, а често по прославите завршуваше и на насловните страници на магазините и весниците.
За жал не се оствари неговата голема желба да стане светска ѕвезда и да оформи семејство. Загина во сообраќајна несреќа на пат кон Хрватска на 16 октомври 2007 година на само 26 годишна возраст. Денеска ќе наполнеше 40 години. М.Т.