Оштетените патишта и мостови, прекините на електричната енергија и недостатокот на тешка механизација им ја отежнуваат работата на спасувачите во Индонезија по разорниот земјотрес со јачина од 6,2 степени на островот Сулавеси, во кој загинаа најмалку 45 лица, а стотици се повредени.
Претседателот Доко Видодо им нареди на министрите во неговиот кабинет и на службените лица одговорни за итни случаи и војската да го координираат одговорот на оваа природна катастрофа што ја погоди земјата, пренесува Ројтерс.
Спасувачките операции се претежно фокусирани на околу осум локации во најтешко погодениот град Мамуја, каде сè уште се верува дека има преживеани заробени во урнатините по вчерашниот земјотрес.
Карго авиони кои превезуваат храна, шатори, ќебиња и други потреби, од Џакарта слетаа на островот доцна синоќа.
Сепак, илјадници луѓе ја поминаа ноќта на отворено во страв од последователни шокови и можно цунами.
Потврдено е дека повеќе од 200 лица се лекуваат во Мамуја, а други 630 се повредени во Маена.
Најмалку 300 куќи се оштетени, а околу 15.000 луѓе се преселија во привремени засолништа.