Германските демохристијани го избраа наследникот на германската канцеларка Ангела Меркел. Армин Лашет беше избран за нов претседател на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).
Илјада и еден делегат на германските демохристијани денеска избираа нов претседател на партијата – на првиот виртуелен конгрес.
Како што пишува „Дојче Веле“, партискиот конгрес не е официјално за наследник на Меркел на местото германски канцелар, туку само за претседател на ЦДУ. Но, имајќи предвид дека демохристијаните се убедливо најсилната партија со месеци, како што покажуваат анкетите, автоматски се поставува прашањето за кандидатот на канцелар: кој и да е шеф на ЦДУ, треба да биде погоден и за канцелар.
Во трката за прв човек на партијата беа и поранешниот министер за животна средина, Норберт Ретген и шефот на парламентарниот клуб на ЦДУ во Бундестагот, Фридрих Мерц.
Изборот на Лашет веројатно би значел продолжување на политиката на Ангела Меркел. Премиерот на Северна Рајна-Вестфалија подеднакво силно ја поддржа канцеларката во нејзината политика за миграцијата и во отворањето кон левиот политички спектар. Можеби тоа е причината што Меркел јасно стави до знаење дека го фаворизира Лашет.