Точно пред пет години Скопје го доби својот прв Руски центар. Основач на Рускиот центар е универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Центарот се формира по иницијатива на Амбасадата на Руската Федерација, во соработка со фондацијата „Руски мир“.
– Во петте години од својата работа, Рускиот центар при УКИМ постојано нижеше само успеси. Најголем интерес кај граѓаните предизвикаа бесплатните часови по руски јазик. Од пред три години вакви курсеви се организираат и во Охрид. Програмата за курсевите е посебно разработена за говорителите на македонскиот јазик, а ја изведуваат висококвалификувани наставници од Русија и од Македонија. Секој петок се одржуваат различни настани, како што се предавања на теми од литературата, културата, историјата, науката, дебати на различни теми, мастеркласови, поетски читања, перформанси, прикажување документарни и играни филмови. Во изминативе пет години, Рускиот центар беше домаќин на голем број гости од Русија. Така, во Скопје гостуваа голем број писатели, актери, научници, културни работници, педагози, спортисти, новинари, иноватори, пејачи – велат оттаму.
Рускиот центар при УКИМ се занимава и со сериозна научна работа. Покрај многубројните трудови напишани од неговите соработници, во овие пет години беа организирани и две меѓународни научни конференции, под називот „Рускиот јазик, литература и култура: минато, сегашност, иднина“, на кои учествуваа не само научници од Македонија и од Русија туку и од неколку други земји од светот. Исто така, се организираат и мастеркласови за покачување на квалификациите на наставниците по руски јазик, како и на преведувачите што се занимаваат со превод од руски на македонски и обратно.
– Тука треба да се спомене и соработката со многу други центри низ светот, со други организации и фондации, со што се постигнува уште повисоко професионално ниво, како и проширување на спектарот на дејноста на Центарот – велат од Рускиот центар.
Во услови на пандемијата, работата на Центарот малку го промени својот начин на комуникација. Сите настани се префрлени на интернет-платформи, вклучувајќи ги и предавањата и курсевите по руски јазик.