До 50 илјади трговци на мало во Германија би можеле да стават клуч на врата доколку затворањето поради вирусот продолжи и по 10 јануари, предупредуваат од здружението на трговски друштва.
„Ситуацијата е навистина многу сериозна“, вели Штефан Гент, извршен директор на германското Здружение за малопродажба (ХДЕ), додавајќи дека трговците се чувствуваат заборавено во пандемијата.
Во писмото во кое увид имала новинската агенција ДПА, а кое изминатиот викенд било испратено до канцеларката Ангела Меркел, ХДЕ бара перспектива и насочена и ефективна помош за продавниците погодени од прекинувањето на работата.
На скоро 50.000 продавници со над 250.000 вработени им се заканува затворање доколку продолжи заклучувањето, предупредува ХДЕ.
– Министерот за финансии Олаф Шолц постојано најавува милијарди евра помош, но тие пари де факто не се исплаќаат затоа што пречките за нивно добивање се многу големи – вели Гент.
За ХДЕ, примарна цел мора да биде тоа продавниците да се отворат веднаш штом здравствените власти дадат зелено светло.
„После тоа, тие повеќе не треба да бидат затворени“, сметаат од здружението.
„Не можеме само да одиме од една блокада во друга“, порача Гент.
Шефот на германскиот институт за економски истражувања (ДИW), Марсел Фрацшер, предвидува сериозни последици доколку се продолжи со блокадата.
„Колку подолго трае, толку повеќе компании ќе ги достигнат границите на своите можности и ќе банкротираат“, изјави Фрацшер за „Аугсбургер алгемајне“.