Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје како јавно претпријатие секогаш е во служба на граѓаните и во служба на исполнување на потребите на своите корисници.
Во изминативе три години водоводното претпријатие, водејќи се од мотото „Секогаш најдоброто за Скопје“, ја насочи својата мисија кон поставување нови стандарди во работните процеси и општествено одговорното дејствување, менувајќи ја перцепцијата за оперативноста и дејствувањето на јавните претпријатија. Во текот на изминатите три години, „Водовод и канализација“ ги насочи работните активности кон подобрување и обнова на водоводната и канализациската мрежа и создавање услови за непречено водоснабдување и одведување на урбаните отпадни води за сите корисници. Во овој период се инвестираше во реконструкција и изградба на нова водоводна мрежа во должина од 48.949 метри, фекално-канализациска мрежа во должина од 37.309 метри и атмосферско-канализациска мрежа во должина од 20.417 метри, во согласност со проектно-техничките документации и урбанистички планови. Зголемувањето на инвестициите се насочи кон сите сектори за подобрување на перформансите на претпријатието и следење на европските и светските трендови, стандарди, регулативи и директиви. Се обнови опремата во Секторот за санитарна контрола во согласност со потребите на акредитираните лаборатории според ИСО 17025, со што се унапредија процесите за изведување на хемиските и микробиолошките анализи за квалитетот на водата за пиење.
Се обнови и прошири возниот парк, во поглед на механизација, машини, специјализирани возила и опрема, што резултира со зголемена мобилност, ефективност и ефикасност. Преку спроведување акции за наплата на заостанатите долгови без камата и на рати, се олеснија условите за исплата на долговите на голем број корисници.
ЈП „Водовод и канализација“ овој период го обележи и со имплементација на процесите за дигитализација, придвижувајќи се чекор напред кон модернизација и зголемување на достапноста на своите услуги за корисниците. Со воведувањето на електронските сервиси, киосците за наплата и лансирањето на мобилната апликација достапна за Андроид и иОС, дигиталниот мониторинг на опрема и активности, претпријатието влезе во ерата на новото време.
– Овој релативно краток период го обележуваат многу значајни случувања, реализирани и почнати проекти. Добиената награда на „Сустејнабилити авордс 2020“, во организација на Европската банка за обнова и развој за еколошки капиталниот проект „Пречистителна станица за отпадни води – Скопје“, чија реализација претставува еволуција во третманот на отпадните води во нашата држава, е само уште една потврда за посветеноста, професионалноста, вложениот труд и јасно поставените стратегиски цели. Особено сум горд на големиот број остварени соработки и проекти и почнати иницијативи, со кои отвораме ново поглавје во примената на позитивни практики во полето на заштитата на животната средина и општествено одговорното дејствување. Во овој период станавме и првото јавно претпријатие што почна со целосна употребува на еколошка биоразградлива хартија за печатење на сметките, реализиравме неколку кампањи за издигање на јавната свест за заштита на водоснабдителниот, канализацискиот систем и животната средина воопшто, по наша иницијатива и во соработка со нашите пријатели.
Соработката со нашите домашни и странски пријатели дава резултат во проширување и размена на искуства и знаење, а соработката со „Водовод – Будимпешта“ резултира и со почнување проект за намалување на загубите на вода и борба со климатските промени, чија реализација е овозможена со грант од WBGC. Внимание им посветивме и на младите генерации, преку реализација на едукативни активности. Активно се вклучивме во поддршка на мисијата на „СОС детско село“ и хуманоста ја покажавме со дела – посочи Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“.
Доказ за професионалниот пристап во изведба на работните активности е и потврдената сертификација и акредитација на имплементираните ИСО-стандарди: ИСО 9001, HACCP, ОСО 14001, ИСО 17020 и ИСО 17025.
– Оваа година тимски го истрчавме „Скопскиот маратон“ и тимски продолжуваме напред во исполнување на нашите цели, во пресретнување на потребите на нашите корисници во соработка со сите засегнати страни, мотивирани од постигнатите резултати, успеси и признанија во изминатите три години – заклучи Весковски.