Семејството на поранешниот американски маринец Пол Вилан (50), кој е затворен во Русија поради обвиненија за шпионажа, изрази надеж дека администрацијата на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден би можела да помогне во неговото ослободување од 16-годишната затворска казна, објавува „Њузвик“.
Вилан тврди дека е невин по неговото апсење во хотел во Москва во 2018 година, кога бил обвинет дека поседува усб кое содржело државни тајни. Сметајќи дека е жртва на тајна операција, Вилан инсистираше дека бил во Русија за да присуствува на свадба на пријател и дека го добил спорното усб од руски познаник. Вилан потоа беше осуден на 16-годишна затворска казна која ја издржува во Мордовија на околу 320 километри источно од Москва.
Неговото семејство изрази оптимизам дека администрацијата на Бајден би можела да помогне во случајот, особено откако рускиот претседател Владимир Путин му честиташе за изборот.
– Повикот за соработка на претседателот Путин ни дава надеж. Можеби Стејт департментот конечно ќе може да разговара со руските колеги за случајот на Пол – вели Дејвид Вилан, братот на Американецот затворен во Русија.
Адвокатот на Вилан, Владимир Жеребенков, претходно кажа дека нема да поднесе жалба за казната бидејќи не верува оти би била успешна. Тој истакна дека ќе се фокусира на можна размена на затвореници.
Московската новинска агенција Интерфакс соопшти дека Русите осудени во САД, меѓу кои се дилерот на дрога Константин Јарошенко и трговецот со оружје Виктор Боут, се меѓу кандидатите за размената.