Некогашната американска државна секретарка Медлин Олбрајт изјави дека со изборот на Џо Бајден за претседател САД влегуваат во нова ера. Како што рекла, во таа ера ќе биде многу важно тесно да се поврзaт надворешната и внатрешната политика.
– Со изборот на Бајден за претседател и Камала Харис за потпретседателка имаме можност за нова политика бидејќи верувам дека влегуваме во една целосно нова ера – рекла Олбрајт на панелот на Атлантскиот совет со име „Изградба на темелите во САД за американското лидерство во странство“.
Според неа, многу е важно Американците да не се плашат да зборуваат за надворешната политика бидејќи се покажа дека тоа влијае и на внатрешната политика и животот на граѓаните во САД. Олбрајт истакна дека за време на нејзиниот мандат (1997-2001) таа секогаш се обидувала да ја поврзе надворешната со внатрешната политика, но истакна дека геополитичката состојба во светот сега е поинаква.
Коментирајќи го идниот кабинет на Бајден, таа оцени дека номинациите се позитивни бидејќи станува збор за луѓе што имаат чувство и за надворешната и за внатрешната политика. Таа е убедена дека во наредниот период ќе има координација помеѓу надворешната и внатрешната политика. Особено пандемијата на Ковид-19, рече таа, покажа колку е важно да се поврзат двете политики.
Олбрајт смета дека Соединетите Американски Држави, по четири години администрација на Трамп, немаат добар углед во светот и дека постои недоверба, но дека новата администрација сака да го смени тоа.
– Искрено, многу меѓународни организации треба да се поправат, но тоа не може да се направи ако не сте на маса – рече таа додавајќи дека веќе може да се види оти администрацијата на Бајден ја разбира потребата за соработка.