Во реонот на албанскиот град Ѓирокастро, крај граничниот појас со Грција, заврши десетневната заедничка акција „Дрино 2018“ во која учествуваа припадници на граничните полиции од повеќе земји, меѓу кои и од Македонија, како и претставници на меѓународни организации.
Според директорот на Канцеларијата на женевскиот Центар за безбедност, развој и владеење на правото (ДЦАФ), Антон Травнер, подрачјето на Ѓирокастро е избрано откако Албанија стана нова рута на илегалните мигранти кон западноевропските земји.
– Ова подрачје не е избрано случајно. Направивме аналитичка проценка пред да ја организираме оваа заедничка активност. Анализите покажуваат дека маршрутата на Западен Балкан се префрли од север кон југ, а грчко-албанската граница стана многу изложена точка, изјави Травнер.
Заменик генералната директорка на албанската полиција Аида Хајнај, како многу успешни ги оцени заедничките патролирања на полицајците.
– Мешовитите патроли успеаја да спречат повеќе обиди за илегално минување на границата. Акцијата „Дрино 2018“ демонстрира успех кој може да се постигне кога заедно се работи на иста цел, посочи таа.
Целта на акцијата била размена на искуства и зголемување на взаемната доверба, како и испраќање јасна порака до сите кои се вклучени во прекуграничната криминална активност „дека меѓу полициите во регионот нема поделби“.
Во текот на десетте дена на акцијата „Дрино 2018“ во граничната полициска станица во Какавија беа стационирани девет заеднички патроли. Во нивниот состав биле полицајци од граничните полиции на Македонија, Австрија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Молдавија, Бугарија и Еуропол, кои работеа заедно со албанските гранични полицајци на зајакнување на надзорот на границата.
Инаку, од почетокот на годинава албанската полиција откри повеќе од 3.000 мигранти, главно од Сирија, Ирак и Пакистан, а во помал број од Алжир, Јемен и Либија, додека бројот на оние кои успеале да транзитираат се верува дека е многу поголем.