Извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, откри дека „ѝ раскинал“ на Калифорнија, и сега живее во Тексас, каде што планира да се посвети повеќе на компанијата „Тесла“, како и на „Спекс екс“. Милијардерот го потврди потегот во интервју со Мет Мареј, главниот уредник на „Волстрит џурнал“, пренесува „Гардијан“.
Во текот на летото, откако стави на продажба неколку од неговите куќи и поседи во Лос Анџелес, Маск тивко ја премести својата добротворна фондација во Тексас, покажуваат јавните поднесоци што „Блумберг“ ги забележа оваа недела.
– „Тесла“ е и последната автомобилска компанија што сè уште произведува автомобили во Калифорнија. „Спејс екс“ е последната авионска компанија која сè уште прави значајно производство таму. Порано таму имаше повеќе од десетина погони за автомобили и Калифорнија беше центар на авионското производство. Моите компании беа последните што останаа – беа острите зборови на Маск за американската сојузна држава во која што тој живееше.
Тексас потенцијално може да понуди олеснување кога станува збор за одредени оданочувања за вториот најбогат човек во светот. Тексас не собира персонален данок на доход, додека Калифорнија има едни од највисоките државни даночни стапки во САД.
Приходите на Маск за 2020 година се очекува да бидат исто толку големи колку и оние за 2019 година. Според индексот на милијардери на „Блумберг“, „Тесла“ годинава ја зголеми нето-вредноста на Маск од 27 милијарди на 155 милијарди долари, што го става на второто место на најбогати луѓе на светот, веднаш зад Џеф Безос.