Во Битола, пред седиштето на општинската организација на Црвениот крст, претседателот на СДСМ Битола Петар Николовски, претседателката на Форумот на жени при ОО СДСМ Битола Татјана Крнчева и претседателот на Форумот на пензионери при ОО СДСМ Битола, Бранирод Михајловски, почитувајќи ги здравствените протоколи за превенција и заштита, денеска на оригинален начин го искажаа своето благодарам кон волонтерите на Општинската Организација на Црвен Крст Битола.
– Изминатите месеци, како се разбеснуваше пандемијата од ковид-19, така волонтерите се најдоа на фронтот на медицинската, општествената и социјалната грижа за граѓаните, пред се, од ранливите категории. Светот и земјава уште еднаш го обиколија наслови за заслугите на волонтерите. За нивниот ангажман во обезбедување на медицинска грижа, за пазарење за соседи од ризични категории или посета на повозрасни членови на заедницата, само за да проверат дали се добри. Тоа и многу повеќе, да се прави тивко, ненаметливо, за некого незабележително, е уметноста на младите волонтери од Црвен крст Битола заради што Форумот на жени при СДСМ Битола е неизмерно благодарен – изјави претседателката на Форумот на жени, советничката во Советот Татјана Крнчева. М.М.