Исламската заедница на Нов Зеланд тврди дека знаела за претстојната опасност во Крајстчрч, како и дека имала сознанија според кои претставувала потенцијална цел на терористички напади, но безбедносните сили вниманието го насочиле на тероризмот извршен од муслимански екстремисти ширум светот, пренесува „Гардијан“.
– Знаевме дека сме ранливи, затоа побаравме помош. Не знаевме кога, како и од каде ќе се случи нападот, но ние знаевме дека сме во опасност – стои во изјавата на Исламската заедница во Нов Зеланд за масакрот во Крајстчрч.
Изјавата која беше објавена вчера, се заснова на извештаи во медиумите кои зборуваат за тоа како генералната директорка за безбедност на Нов Зеланд, Ребека Китериџ, погрешно го претставува тероризмот како „муслимански проблем“, а ја игнорира опасноста од екстремните десничарски движења.
Исто така се наведува дека терористот од Крајстчрч не би можел да добие дозвола за огнено оружје доколку постапките за издавање на дозвола биле соодветно следени. За добивање лиценца, полицијата прво мора да интервјуира сопружник, партнер или близок роднина постар од 20 години, кој добро го познава потенцијалниот сопственик на оружје, но федерацијата тврди дека полицијата интервјуирала само две лица кои терористот ги познавал преку онлајн игри.
Во јули, „Гардијан“ исто така објави дека новозеландскиот Исламски совет на жени ја предупредил полицијата за потенцијалниот оружен напад, кој бил испланиран за денот кога се случи масакрот во Крајстчрч. Тој детаљ е вклучен и во поднесокот, во кој се вели дека полицијата „не успеала да развие стратегија за справување со закани против заедницата и џамиите“.
Интервјуто со терористот Брентон Тарант, кој уби 51 лице во нападот врз две џамии во Крајстчерч минатата година, нема да биде објавено поради тоа што може да инспирира и понатамошни терористички напади.