По новиот пораз во судот во Пенсилванија, американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со зголемен притисок од републиканците да се откаже од понатамошните обиди за пресврт на резултатите од претседателските избори во САД и да ја признае победата на демократот, Џо Бајден.
Трамп покрена тужби во судовите на неколку клучни земји
Откако Бајден беше прогласен за победник пред две недели, Трамп покрена тужби против неколку земји – клучни за претседателските избори во САД во обид да го промени резултатот и почна силна кампања за да се спречат државите да ги потврдат изборните резултати.
Судовите во Џорџија, Мичиген и Аризона ги отфрлија неговите обиди да го запре процесот за потврда на изборните резултати.
Во саботата, федералниот судија Метју Бран, републиканец номиниран за оваа функција од поранешниот претседател Барак Обама, отфрли сличен обид во Пенсилванија, пишувајќи дека пред него има поднесок со „развлечени правни аргументи, без основа, и многу сомнителни обвинувања“.
Тимот на Трамп се обиде да го запре процесот за потврдување на резултатите во Пенсилванија, тврдејќи дека има неправилности со гласачките ливчиња испратени по пошта, а Бран одговори дека „тој нема овластување да лиши некого од правото на глас, а најмалку тоа да им го направи на милиони граѓани“.
Правниот тим на Трамп објави дека веднаш ќе се жали на одлуката на судијата
За да има какви било шанси да остане во Белата куќа, Трамп мора да ја поништи предноста на Бајден во Пенсилванија од 81.000 гласови. Државата треба да започне со процесот за потврда на изборните резултати во понеделник.
Адвокатскиот тим на Трамп објави дека веднаш ќе ја обжали одлуката на судијата Бран до Окружниот суд во Филаделфија.
Републиканците го повикаа Трамп да го признае поразот
Републиканскиот сенатор Пат Томеј по пресудата на Бран рече дека се исклучува каква било можност за законска победа на тимот на Трамп во Пенсилванија и го повика Трамп да го признае поразот.
Член на раководството на Републиканците во Претставничкиот дом, пратеничката Лиз Чејни, го повика Трамп да ја почитува „светоста на изборниот процес“.