Новообјавени документи го разоткрија предавството на водачот на Исламската држава, што претставува златна прилика за дискредитирање на нејзиното движење
Неодамна декласифицираните документи на американската војска сугерираат дека наводниот нов калиф на Исламската држава, Амир Мухамад Саид Абдал-Рахман ал Мавла, предал десетици членови на Исламската држава од Ирак на истражителите, додека бил во американскиот затвор „Камп Бука“ во јужен Ирак, во 2008 година, тврди „Форин полиси“.
Извештаите беа објавени од Центарот за борба против тероризмот на „Вест поинт“ во септември. А се стекнува впечаток дека значењето на документите и нивните откритија за напорите за сузбивање на влијанието на Исламска држава останаа во сенка на американските претседателски избори и пандемијата на коронавирусот.
Извештаите од испрашувањето на Мавла откриваат многу за човекот кој подоцна стана кафил, како и за начинот на функционирање на Исламската држава во критичен момент за нејзината еволуција. Згора, пружаат прилика за деградација на „брендот“ на ИД во период кога е стратешки ранлива.
Дискредитирањето на т.н. калиф преку негово разоткривање како кодош има потенцијал, ако се употреби правилно, да го подрие неговиот авторитет, како и кредибилитетот на движењето кое тој го предводи.
Од 66-те извештаи поврзани со испрашувањето на Мавла кои ги поседува американското министерство за одбрана, објавени се само три, ограничувајќи ја потполната анализа на водачот на ИД.
Но извесно е дека тој бил поткажувач додека бил задржан од страна на американските воени сили во Ирак. Ако се точни последните извештаи на Стејт департментот и на Обединетите нации кои го идентификуваат Мавла како новиот калиф, тоа значи дека Исламската држава е предводена од човек кој извршил предавство на десетици членови на терористичката организација, одавајќи го нивниот опис и телефонски броеви. Се тврди дека тој дури ги идентификувал борците и нивните претходници во хиерархијата на ИД. Анализите на информациите тврдат дека идентитетот на 11 од 20 лица спомнати во сведоштвата на Мавла е автентичен. А многумина од нив потоа биле затворени или убиени. Неговите сведоштва исто така даваат приказ за начинот на кој ИД опстанала во периодот по 2008 година.
ИД сега е ранлива. По губењето на контролата на територијата и на нејзиниот прв калиф, таа се соочува со бунт во Сирија и во Ирак додека се обидува да ги води нејзините глобални операции. Сведоштвата на Мавла даваат ретка прилика за кампања насочена кон подривање на Исламската држава и нејзината идеологија и на внесување немир во нејзините редови. Се наведува дека ИД веројатно убила илјадници свои членови поради наводно предавство, но оти не се очекува дека таква судбина ќе го снајде сегашниот водач.
Војната против Исламската држава ги опустоши нејзините редови и ресурси, но пропагандната воја допрва треба да биде добиена, заклучува „Форин полиси“.