Македонија дебитира на ЕП во 2019 година: Никола Ѓоргиев во акција

Македонија, која е во групата Ц, со Данска, Турција и со БиХ, треба да биде домаќин на вториот турнир во Скопје, од 15 до 17 јануари. Првиот турнир треба да се одржи во Данска, од 8 до 10 јануари

ОДБОЈКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2021

Европската одбојкарска конфедерација ги потврди термините за квалификациските натпревари за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година, кое вторпат треба да се одржи во четири земји (Полска, Чешка, Естонија и Финска), во септември. Поради пандемијата на ковид-19, мечевите што требаше да се играат во септември (дома и на гости) беа одложени за јануари в година и ќе се играат во два термина и на два турнира.
Така, Македонија, која е во групата Ц, со Данска, Турција и со БиХ, ќе биде домаќин на вториот турнир, во Скопје, од 15 до 17 јануари. Првиот турнир ќе се одржи во Данска, од 8 до 10 јануари. Со оглед на моменталната ситуација со ковид-19, натпреварите ќе се играат без публика.

Според информациите од канцеларијата на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), собирот и почетокот на репрезентативните подготовки треба да бидат на 15 декември, под водство на селекторот Никола Матијашевиќ, кој ја предводеше Македонија и на ЕП 2019. На ЕП 2021 ќе настапат 24 репрезентации, а ќе се пласираат седумте првопласирани и пет второпласирани со најдобар резултат во квалификациите. Настап на ЕП 2021 веќе обезбедија деветте првопласирани селекции од ЕП 2019, меѓу нив и Полска, како и другите три земји-домаќини. На минатото ЕП првпат настапи и Македонија, во групата Ц и забележа две победи, над Белорусија и над Словенија, со по 3-1 и само поради полошиот сет-количник од Финска не се пласира во осминафиналето.