Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тошо Филиповски, автор на „Првата македонска рок-енциклопедија“

Особено сум горд на првите македонски рокери, на ентузијастите од 1960-тите, 1970-тите што ги поставуваа темелите на македонската рок-музика. По 50 години, конечно некој им оддаде почит за она што го направиле, вели Филиповски

„Сакам да докажам дека македонската рок-сцена не била толку мала и сиромашна како што мислат многумина, туку напротив. Да го извадам македонскиот рокенрол од подрумите и сѐ што е направено изминатите 50 години да ѝ биде достапно на јавноста. Се зафатив за оваа работа сериозно, иако наидов на мал милион пречки. Генерален проблем ми беше тоа што досега никој не направил вакво нешто пред мене и немав со кого да се споредувам“, вели Тошо Филиповски, авторот на „Првата македонска рок-енциклопедија“, чие промотивно претставување, по Скопје, е во тек низ цела Македонија. В среда „Енциклопедијата“ ќе биде промовирана и во рамките на „Дримон-фестивал“ во Струга.

Сега, кога стивна еуфоријата, веројатно ви станува јасно колку голема и важна работа сте направиле и оти сите жртви и посветеноста не биле залудни. Многумина го сфатија тоа, па, ете, почнаа и наградите, првата е онаа од МАН (Македонски алтернативни награди). Колку ви значи ова признание?
– Мене најголемата награда ми е самото објавување на енциклопедијата, затоа што малкумина веруваа дека ќе се случи тоа. Сето ова што почна да пристигнува е пријатно како чувство, но ниту една награда не е поголема од самиот чин на промоцијата на енциклопедијата, што целосно ме исполни.

Во тек е вашата промотивна турнеја низ Македонија, ќе споделите ли со нас дел од впечатоците?
– Имам желба да свратам до секое населено место каде што се свирело или се свири рок-музика, да поразговарам со секого, да соберам информации за ново-стари бендови. Во принцип, секој град има свој дом на културата, кои, за жал, се празни и нефункционални во однос на музичкиот живот. Нема ентузијазам, чест на исклучоците, нема кој да ја почне целата работа, но се надевам ќе биде подобро. Инаку, досега бев Охрид, Кочани, Тетово, Прилеп, Штип…, сега, в среда, ќе имам промоција во Струга, во рамките на „Дримон-фестивал“.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ги обединивте сите ентузијасти што биле дел од македонската рок-сцена уште од нејзините почетоци. На промоцијата во МКЦ во Скопје дојдоа голем број од нив и се чувствуваа гордо.
– Особено сум горд на првите македонски рокери, на ентузијастите од 1960-тите и 1970-тите што ги поставуваа темелите на македонската рок-музика. По 50 години, тие вистински го сфатија значењето на „Првата македонска рок-енциклопедија“. Конечно некој им оддаде почит за она што го направиле. Младите музичари сѐ уште не го сфаќаат тоа, но мислам дека времето ќе покаже колкаво е нејзиното вистинско значење.

Кога се роди кај вас идејата за започнување ваков мегапроект?
-Тоа беше пред седум-осум години, кога одлучив сѐ да направам сам, а првата помисла веројатно беше по објавувањето на рок-енциклопедијата на српскиот музички новинар Петар Јањатовиќ во 1997 г., каде што имаше понекој македонски бенд, но тоа не беше вистинска слика за македонската рокенрол-сцена. Веројатно уште во 1960-тите кај нас имало идеи да се направи ваква енциклопедија, но досега никој не ги реализирал. Јас од почетокот до крајот сам ја истуркав работата и сѐ уште ја туркам, и со дистрибуција, и со администрација, и со аплицирање. А цело време добивав удари во колена, па и во ребра, што требаше да се издржат, кои само ме правеа посилен.
Генерален проблем ми беше тоа што досега никој не направил вакво нешто пред мене и немав со кого да се споредувам. Па, затоа самиот решавав кои бендови ќе влезат во енциклопедијата, а кои не. Можеби некои и се налутија, но најчесто тоа беше поради немање доволно информации. На пример за групата „Тор“, јас без муабет со нејзините членови не можев ништо да направам, па останаа за вториот том, како и многу други.

Во контактите со музичарите што ви пречеше најмногу?
– Сѐ уште не можам да ги мотивирам оние што се спомнати да реагираат, да испраќаат податоци, да ги поправиме евентуалните пропусти. Би сакал да сфатат што е енциклопедија и колку фактографски информации се потребни да се направи таа. За жал, музичарите сѐ уште оригиналните записи ги чуваат во своите подруми.

Но вие ги извлековте спомените од подрумите, каде што беа заборавени…
– Точно така, сакам да го извадам од подрумите македонскиот рокенрол и сѐ што е направено да биде достапно до јавноста. Сметам дека не само преку Интернет, некои работи треба да бидат и физички тука како сведоштво, како оваа книга.

Работата на енциклопедијата е долг, макотрпен процес. Кога сега ќе се завртите назад, дали надвладува задоволството од сработеното или товарот на непроспиените ноќи и други помали или поголеми жртви?
– Па, за тоа можат по нешто да кажат и сопругата и децата, зашто, на некој начин, и тие беа жртви на овој проект и ме истрпеа. Имаше денови кога бев неподнослив, се затворав да работам, за да не загубам континуитет, за да не ги заборавам податоците што ги собрав. Понекогаш, пак, со месеци не ја погледнував. Но во ниеден миг не помислував да прекинам со работа. Претрпев многу удари, минирање, негирање, а сега сфатив дека тоа била недоверба, незаинтересираност, несфаќање дека е ова навистина голем проект.

Кој период е опфатен во енциклопедијата?
– Од самите почетоци во 1960-тите до актуелната 2018 година. Опфатен е рокенролот во најширока смисла на зборот, како филозофија, како начин на живот, каде што влегуваат, панк, рок, хевиметал, поп-рок, шлагерска и фестивалска музика… На 500 страници можат да се прочитаат биографиите на 333 домашни бенда, 2.500 музичари и називите на над 1.000 изданија создадени на нашата рок-сцена во изминатиот половина век.

Кога се во прашање ексклузивни податоци, кои би ги издвоиле?
– Изгледа и самите членови на бендови не знаеле многу работи за себе. Најдов интересен податок дека кон крајот на 1960-тите во Македонија имало над 100 групи и сите сцени биле автохтони, секој град бил приказна за себе. Поврзаноста доаѓа кон крајот 1960-тите и подоцна во 1980-тите, кога се појавува „Рок-фест“. Оваа книга може да отвори и социолошки истражувања за влијанието на музиката на животот на младите, а тоа е несомнено огромно.

Од кого добивте најголема помош?
– Пред пет-шест години голем пресврт во работата предизвика еден мој пријателски муабет со Мирко Стефановски. Тој ми рече дека зачувал материјали од времето кога бил директор на Домот на млади и ми даде сѐ. Тоа придонесе да бидам многу попрецизен и бескрајно сум му благодарен. Благодарен сум им и на вработените во Универзитетската библиотека во Скопје, каде што со денови чепкав.


В година втор том со податоци за нови 333 бенда

Ќе има ли втор том „Енциклопедијата“?
– Секако, и втор и трет том. Сега сѐ ќе оди побрзо, јас веќе ги имам материјалите, го научив процесот на работа, критериумите остануваат, но нема да „пешачам“ повеќе од потребно. Нема да се навраќам на сто работи, голем дел од одредниците, датумите, крупните работи ги знам. Сѐ ќе трае многу пократко. Се надевам дека до крајот на 2019 година и вториот том ќе биде отпечатен со податоци за нови 333 бенда. Но ќе има и други книги: со тематика од историјата на македонската музика. Повторно фактографија, сублимирана на поинаков начин: значајни датуми, како своевиден времеплов, па книга за комплетна дискографија на македонската музика… Би сакал да се отвори и центар за истражување, а сметам дека оваа држава треба да има свој архив, музеј на македонската музика, проект за кој со години аплицирам.