Кен Спирс, еден од креаторите на анимираната серија „Скуби Ду“, почина на 82-годишна возраст поради компликации со деменција. Спирс ги создал анимираните ликови со Џо Руби кој во август годинава почина на 87-годишна возраст, пренесуваат светските медиуми.
Кен Спирс го запознал Руби кој тогаш работел во продукцијата „Хана-Барбера“. Тие заедно ги создале омилените ликови кои секогаш се во потрага по нови мистерии Фреди, Вилма, Дафне, Шеги и Скуби Ду. Серијалот „Скуби Ду, каде си?“ почна да се емитува во 1969 и остана во програмата на Си-би-ес до 1976.
– Во почетокот бевме загрижени дека нема да издржи повеќе од една сезона – кажал своевремено Руби, додавајќи дека насловниот лик е обликуван според легендарниот комичар Боб Хоуп.
Серијата смени неколку телевизии во наредните децении, а најновата верзија се емитува на „Бумеранг“.