Резултатите од пребројувањето на гласовите се менуваат од минута на минута. Како на детска клацкалка телевизиските прилози и текстовите на новинските агенции евидентираат состојби во кои во одреден момент предноста за победа на изборите е на страната на Трамп, а во друг веднаш сѐ се префрлаше на „контото“ на Бајден.
Пандемијата на коронавирусот не ги спречи граѓаните да излезат во рекорден број за да изберат нов шеф на Белата куќа, а за таа позиција се борат актуелниот претседател, републиканецот Доналд Трамп, и кандидатот на демократите, Џозеф Бајден. Но секако, пандемијата е една од клучните причини да се одвива најнеизвесната претседателска трка во историјата на САД. Резултатите од пребројувањето на гласовите се менуваат од минута на минута. Како на детска клацкалка телевизиските прилози и текстовите на новинските агенции евидентираат состојби во кои во одреден момент предноста за победа на изборите е на страната на Трамп, а во друг веднаш сѐ се префрлаше на „контото“ на Бајден. Од она што беше првично неофицијално соопштено вчера од американската изборна комисија до затворањето на весникот, беа објавите дека од 41 федерална држава од вкупно 50, Бајден освоил 224 електронски гласови, а Трамп 213.
Трамп прогласи победа, Бајден негира
Во текот на изминатиот ден прв се огласи актуелниот претседател Трамп, при што тој без да презентира конечни резултати, истакна дека води во повеќе држави. Тој истовремено зборуваше за измами при гласањето поради кои тој ќе се обрати до Врховниот суд за да го запре гласањето.
– Подготвени сме да победиме на изборите, искрено ние и победивме на изборите – изјави тој, велејќи дека сака гласањето да се прекине. Трамп, без да презентира докази, рече дека изборите биле мамење на американската јавност.
– Го добивме Мичиген и кога ги видов резултатите, реков браво. Сепак една тажна група луѓе се обидуваат да ги дискредитираат резултатите – истакна тој, додавајќи дека треба да се подготват за голема прослава. Веднаш по неговото излагање во јавноста се огласи Бајден, кој преку социјалната мрежа Твитер напиша дека тој води во повеќе држави и дека Америка наскоро добива нов претседател. Кандидатот на демократите, Бајден, посочи дека ниту тој ниту Трамп не се повикани да прогласуваат победа туку одлуката кој ќе победи на овие избори ја имаат американските граѓани. Бајден изјави дека исходот на изборите ќе биде познат откако ќе бидат преброени сите до последен даден американски глас. Сето ова укажува дека во наредниве денови ќе биде неизвесно кој ќе биде победник на изборите и кој ќе биде новиот претседател на САД, рече Бајден.
Невада го прекина броењето, Висконсин го одложи
Она што е интересно да се издвои од вчерашниот изборе ден во САД е дека американската сојузна држава Невада некаде напладне без да даде образложение, соопшти дека го прекинува броењето гласачки ливчиња од претседателските избори во САД до 5 ноември. Државата во која трката меѓу американскиот претседател Трамп и неговиот противкандидат Бајден е многу тесна, на Твитер објави дека за броење остануваат гласачките ливчиња по пошта добиени на денот на изборите, но и гласачките ливчиња што треба по пошта да пристигнат во текот на наредната недела. Истовремено поради огромниот број поштенски гласови ќе доцнат резултатите од четири клучни американски држави јави, „Си-ен-ен.“ Во четирите клучни држави за претседателските избори во САД меѓу кои се и Пенсилванија, Висконсин, Мичиген и Џорџија и натаму не се пребројани десетици илјади гласачки ливчиња, поради што резултатите од изборите ќе бидат неизвесни уште некое време, пренесе американскиот медиум.
Пандемијата и економијата топ-теми за американските гласачи
Историските избори се одвиваа без проблеми и покрај тоа што се одржуваа во заднина на пандемијата и во длабоко поделената нација. Повеќе од 100 милиони луѓе гласаа предвреме по пошта или на избирачки места пред денот на изборите, откако многу држави го дозволија тоа за да се ублажи ширењето на коронавирусот. Тоа е рекорден број и 73 проценти од вкупниот број гласови на претседателски избори во 2016 година. Поради огромниот број гласови по пошта, исходот од изборите не се очекува дури со денови, а и двете страни изјавија дека се подготвени за можни правни битки за резултатите.
Пред изборите, според анкетите, Бајден имаше мала предност на национално ниво, но Трамп во деновите што следуваа го стигна. Инаку американските гласачи вчера не гласаа само за следниот претседател на САД. Тие исто така гласаа и за тоа кој ќе ги контролира Сенатот и Претставничкиот дом.
Во однос на изборот за претседател, досега познато е дека Американците не избираат претседател директно, туку преку тело, познато како изборен колеџ, во кое секоја држава ги пренесува гласовите врз база на нејзината бројност на населението. За победа на изборите се потребни 270 од вкупно 538 гласа на колеџот. Кандидатот на Демократската партија, Џо Бајден, вчера освои 224, а републиканскиот, Доналд Трамп, 213.