Здружение за помош на млади луѓе без родители „За тебе“
Има повеќе здруженија во земјава што се грижат за деца без родители, но здружението „За тебе“, формирано на почетокот на годинава, е единствено во Македонија што се грижи за млади луѓе без семејство, кои откако ќе наполнат 18 години мораат да си обезбедат егзистенција.
– Здружението е формирано на почетокот на годинава, но поради ситуацијата што нè погоди сите, со работа започнавме некаде кон средината на летото. Постојано добиваме пораки на нашиот профил на Фејсбук, се јавуваат луѓе со желба да ни помогнат, а наедно прашуваат кои се конкретно нашите активности. Ние сме единствено здружение во земјава што работи со млади луѓе без родители по 18-та година, кога мораат сами да се грижат за себе. Ние сме тука за сите оние што не успеале да се изборат, кои сѐ уште не пронашле простор за себе во системот, кои се откажале од тоа да ги исполнат своите соништа. Ние сме тука да им помогнеме, да им кажеме дека нивниот живот штотуку започнува. Затоа, потребна ни е поддршка, да им бидеме семејство на овие млади луѓе – вели Цеце Николова, основачка и претседателка на здружението „За тебе“.
Тимот на здружението го сочинуваат и: Елена Василева, Тина Георгиева, Христина Донева и Ивана Илиева, сите со искуство во работа со деца и млади.
– Работата со млади во ризик не е воопшто едноставна, навистина не може секој да го прави тоа што го правиме ние. Треба исклучително многу трпение и вистинско разбирање, кое младите треба да го почувствуваат. Досегашното животно искуство ми покажа дека треба да си човек во вистинска смисла на зборот, за да можеш да работиш толку благородна работа. По моето излегување од „СОС детското село“, каде што добив соодветна поддршка и правилна насока во остварување на моите соништа, сфатив дека има многу млади во ризик, кои, за жал, не добиваат ништо слично. Кои сметаат дека не се доволно добри за да работат некоја, ајде да кажам, поубава професија. Поубава не само во смисла на поголема финансиска независност, туку човек треба убаво да се чувствува на работа, да станува среќен што денот ќе го помине таму. Повеќето од нив се излезени од друг тип грижа и навистина имаат огромна потреба од тоа некој да застане зад нив, имаат потреба од лица на кои можат да им ги доверат своите најголеми тајни, да зборуваат за најтешките трауми, едноставно имаат потреба од некој на кого може да се потпрат во животот, некој што ќе им верува – вели Цеце Николова.
Според тимот на здружението „За тебе“, овие лица имаат огромен потенцијал во себе, а има малку луѓе што сакаат да го слушнат тоа.
– Уште помал е бројот на луѓе што одлучуваат да работат со нив, да почнат да разговараат со нив сосема од почеток, за правите вредности во животот. Поради тоа „За тебе“ е во процес на изработка на палета со обуки што им се неопходни на овие млади во ризик. Од животни вештини, до самостојно барање работа, правилно распределување на месечниот буџет, до работа на личен раст и развој. Во моментов дел од обуките ги правиме непосредно пред да вработиме некој младинец, но, сепак, тоа посериозно ќе се одвива во текот на наредната година. Многу работа, многу професионална инволвираност, искреност, истрајност и потреба да им се помогне на овие деца – тоа е она што „За тебе“ го нуди – велат од здружението.
Овие млади, амбициозни и благородни жени велат дека се разликуваат од другите организации што работат со иста или слична ризик-група, бидејќи здружението „За тебе“ е формирано од филантропи и младинци без родители, во моментов без помош и поддршка од трета страна, организација или институција.
– Опфативме група млади луѓе од 19 до 29 години. Секој од нив имаше различна потреба (храна, облека, наоѓање место за живеење, мебел, велосипед за до работното место…), а ние заедно со индивидуални донатори успеавме да одговориме на нивните потреби. Знаете, овие млади луѓе, пораснати без родители, не бараат премногу. Тие само сакаат да имаат простор за живеење што ќе може барем привремено да го наречат дом, сакаат сигурна работа и работодавци што не го земаат предвид нивното тешко минато – објаснува Николова.
За краток временски период тие успеале да вработат четворица млади, на што се исклучително горди.
– Единствената поддршка што ја добивме досега се индивидуални спонзорства и партнерства. Навистина сме среќни што има добри луѓе што ја забележуваат позитивната страна на нашето работење. Но сепак, 10 младинци е бројка, која во најбрз можен рок сакаме да ја зголемиме повеќекратно. Секаква помош е добредојдена – апелираат од здружението „За тебе“.