Научниците од Националната океанска и атмосферска управа на САД (НОАА), благодарение на термометрите поставени во најдлабоките делови на јужниот Атлантски Океан, забележале просечно зголемување на температурата за 0,02 Целзиусови степени, во зависност од длабочината.
– Во текот на изминатите неколку години, сите претпоставуваа дека длабоките океани мируваат. Ние не ги забележавме промените. Но секогаш кога ќе ги провериме податоците, откриваме дека океанот е покомплексен отколку што се сметаше претходно. Забележаното затоплување може да се должи на климатските промени, предизвикани од зголемените температури на океаните во близината на неговата површина – вели океанографот Крис Мејнен од НОАА.
Тој додава дека длабокиот океан, област подлабока од 2.000 метри, досега не била добро проучена. Истакнува дека длабоките делови на океанот се толку тешки за достигнување, што температурата на кое било истражено место обично се мери само еднаш во деценијата.
Тимот на Мејнен ги мерел температурите од 2009 до 2019 година користејќи сензор за морско дно на четири локации во аргентинскиот слив крај брегот на Уругвај. Еден од уредите за следење на температурата бил поставен на длабочина од 4.757 метри и покажал изненадувачко количество варијабилност. Температурните записи од двете најдлабоки места укажале на јасен тренд на затоплување во текот на споменатата деценија. На помала длабочина од 1.360 и 3.535 метри, температурите осцилирале многу повеќе отколку што очекувале научниците, и иако промените биле нешто помали на уште поголеми длабочини, нивната целокупна шема одговара на она што се случува на површината на океанот.
– Се надевам дека благодарение на овие информации повторно ќе ги анализираме овие историски важни податоци за да утврдиме што можеме да заклучиме за варијабилноста на температурите во најдлабоките делови на океанот. Продолжувањето со следење на овие области и споредувањето на податоците од уредите инсталирани во други океански басени може да ни помогнат да судиме за тоа дали човечката активност е одговорна за температурните промени или дали станува збор за природна варијација – истакнува Мејнен.