Прашањата што беа поставени од новинарите на прес-конференцијата претходно беа одобрени и проверени од детски психијатар, за да се осигурат властите дека прашањата нема да предизвикаат дополнителен стрес кај момчињата
Сите 12 тајландски момчиња и нивниот тренер што беа заглавени во пештерски комплекс ја напуштија болницата, откако по лекарските испитувања беа во карантин. По излегувањето од болницата, младите фудбалери се појавија на заедничка прес-конференција, на која сведочеа за нивното искуство во тие тешки мигови. Станува збор за прво нивно појавување пред јавноста по извлекувањето од пештерата, каде што беа заробени повеќе од 15 дена. Одговарајќи на новинарски прашања, 25-годишниот тренер Аке порача дека сите момчиња знаеле да пливаат.
– Знаевме дека сме заглавени кога се враќавме. Моравме да се намокриме и пливаме. Сите знаеме да пливаме. Не е вистина дека не можевме да пливаме, по тренингот во фудбал имаме пливачки активности – истакна Аке.
Според него, сите од групата се согласиле да влезат во пештерата.
– Никогаш не сме биле во пештерата, само објавуваме за тоа на Фејсбук. Исто така, да појаснам, не влеговме во пештерата поради роденденот на Ните – порача младиот тренер, чие искуство со медитирањето им помогна на момчињата да ги преживеат најтешките мигови во пештерата.
Аке додаде дека момчињата прво се обиделе самите да го ископаат пристапот до излезот.
– Им реков да не се плашат, бидејќи водата ќе се повлече утредента. Видовме како водата капе по ѕидовите, па затоа останавме блиску до изворот на вода. Тогаш не бевме уплашени, бидејќи мислевме дека водата ќе се повлече и некој ќе нѐ спаси – вели 25-годишниот Аке.
На прашањето што мислеле кога биле гладни, едно од момчињата изјави пред камерите дека мислел само на пржен ориз. Друго момче порача дека немале храна и пиеле само вода, сѐ додека не беа пронајдени и не им беше доставена првата храна.
Гувернерот на провинцијата Чианг Раи, Прачон Пратсукан, претходно порача дека ова е единственото официјално интервју за медиумите, истакнувајќи дека повеќе нема зборување со новинарите. Интересно е тоа што прашањата што беа поставени од новинарите претходно беа одобрени и проверени од детски психијатар, за да се осигурат властите дека прашањата нема да предизвикаат дополнителен стрес кај момчињата. Претставник на локалните власти изјави дека по прес-конференцијата, 12-те момчиња и тренерот ќе се вратат во своите домови кај семејствата.
Младите фудбалери и тренерот, кои се дел од клубот Диви свињи, беа извлечени од опасната пештера на северот од Тајланд по повеќедневна акција на меѓународен тим спасувачи. Пред да бидат пронајдени и да им бидат доставени вода и резерви, момчињата и тренерот беа заробени во пештерата девет дена. Тие преживеаја благодарение на капките вода што ги собирале од сталактитите, парчињата роденденска торта, која со себе ја имаше едно од момчињата, и медитација.