Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, на 27 и 28 октомври ќе престојува во работна посета на Франција. Ова е прва посета на Париз по формирањето на новата Влада и се реализира во исклучително важен момент за Северна Македонија, во пресрет на дефинирањето на Преговарачката рамка која што треба да ги инкорпорира елементите што произлегуваат од новата Методологија за пристапни преговори, иницирана токму од Франција.
За време на дводневната работна посета на Француската Република предвидени се средби со државниот секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи, Клеман Бон; претседателот на Комисијата за европски прашања во Сенатот на Франција, Жан-Франсуа Рапен; Изабел Думон, дипломатски советник за Континентална Европа и Турција во Kабинетот на Претседателот Макрон, Каролин Вино, заменик на Генералниот секетар за европски прашања при Владата на Франција и со Лилиана Танги, пратеничка во Националното собрание.
Во фокусот на разговорите ќе бидат француската поддршка во оваа клучна фаза од нашите евроинтеграции – одржувањето на првата Меѓувладина конференција со ЕУ до крајот на годинава; динамиката на усвојувањето на Преговарачката рамка, а ќе се разговара и за напредокот на Северна Македонија нотиран во Извештајот на Европската комисија, како и за клучните приоритети од ЕУ агендата на кои што Владата ќе биде фокусирана во следниот период.