Во екот на пандемиската криза со ковид-19, социјалните нееднаквости стануваат сѐ повидливи и се соочуваме со нови предизвици. И покрај ефектите на пандемијата врз формалниот и неформалниот сектор, Шпаркасе Банка Македонија, Бизнис импакт лаб и Пакомак, успешно ја реализираа шестата по ред е-акцелераторска програма – Social Impact Award 2020, односно „Наградата за социјално претприемништво 2020“.
Социјалните бизниси ни се повеќе од потребни во оваа ситуација за да ни помогнат да го креираме начинот на кој реагираме како општество.
За најдобрите три (3) идеи/решенија Зелен печат, ICare и EnRoute, Шпаркасе Банка Македонија обезбеди парични награди во висина од по 1.500, 1.000 и 500 евра за секој од нив. Четвртиот победник „Eko Green Bin“ доби менторска помош обезбедена од Бизнис импакт лаб и Пакомак. Покрај наградите, најдобрите тимови ќе добијат и бесплатно учество на Самитот на Social Impact Award каде што виртуелно ќе се сретнат со претприемачи од 16 европски земји, со поддршка на Фондацијата ЕРСТЕ и Impact Hub Vienna.
– Искрено, во оваа чудна 2020-та, не очекував дека би имала ваков среќен момент. Водата е наш неопходен ресурс, па затоа и треба да им укажеме одредено ниво на почит на нашите реки. Би сакала еден ден да се вратат приказните за убавите денови поминати покрај Вардар. Многу сум благодарна за укажаната чест и за поддршката што ја добив од целокупниот тим на SIA, посебно менторите, брат ми и мојата драга другарка Викторија Насевска – изјави Кристина Николова од Зелен печат.
– Се гордееме со младите иноватори кои и оваа година, во отежнати услови, успеаја да ги покажаа своите оригинални идеи и да размислуваат во насока на пронаоѓање нови и иновативни решенија во сферата на социјалното претприемништво и решенија за поголема заштита на животната средина. Им честитаме на победниците и ги охрабруваме и понатаму да го задржат позитивниот ентузијазам во нивниот професионален развој и да веруваат во себе! Шпаркасе Банка Македонија и по завршувањето на програмата, ќе продолжи да биде доверлив партнер и да им ја овозможува потребната финансиска и менторска поддршка при развојот на нивните бизниси во рамките на програмата за стартапи ’Чекор по чекор’ – изјави Владимир Кечовски, директор во Дирекцијата за мали и средни претпријатија во Шпаркасе Банка Македонија.
Наградата во Република Северна Македонија е организирана од Бизнис импакт лаб. Повеќе информации за „‘Наградата за социјално претприемништво 2020“ ќе најдете на north-macedonia.socialimpactaward.net