Прв енсо-хаику дневник кај нас
Во домот на културата „Кочо Рацин“, вечерва, со почеток во 19 часот, со отворање самостојна изложба и со промовирање книга ќе биде реализиран проектот „Момент во денот“, енсо-хаику дневник од Дијана Петкова.
Промоторки се Лидија Капушевска-Дракулевска, рецензентка на книжевниот дел, и Виолета Калиќ, рецензентка за ликовниот дел.
Тоа е поетско-ликовен дневник, кој содржи 365 хаику-песни напишани на македонски, со превод на англиски јазик, и 365 енсо-кругови насликани со акрилик на хартија. Инспириран е од јапонската култура и традиција, доживеана и претставена од уметничко гледиште. Ова е прв ваков дневник изработен од македонска поетеса/уметница на овие простори.
– „Момент во денот“ е дело за заемниот однос на внатрешните состојби на индивидуата во хармонија со природата и нивната нераскинлива врска. Овој поетско-ликовен дневник укажува на волјата на индивидуата да ги надмине сите пријатни и непријатни случувања и доживувања во текот на денот, а на самиот крај од денот да го насочи вниманието кон себе, во она место на внатрешната тишина каде што ја доживува својата врска со повисокото јас и оттаму да се поврзе со природата и таа врска да ја изрази во хаику-тристишја, а сликајќи енсо-круг да го изрази неискажливото, и тоа да го прави секојдневно во текот на цела една година, преминувајќи од ден во ден, од месец во месец од едно годишно време во друго, за да го создаде овој дневник – велат рецензентките.
Дијана Петкова дипломирала на Филолошкиот факултет, нејзината поезија е објавувана во повеќе списанија, а застапена е во антологијата „Отчукување на срцето во македонската поезија“ од Светлана Христова-Јоциќ, во зборникот „Надреалистички гугилипапули“ со поезија и кратки раскази и во повеќе е-збирки. Досега ги издала збирките поезија: „Стефанија“, „Деца од свила“, „Нова реалност за просторот“, „Честичка свесност“, „Мамо што има за јадење?“, „Енсо-поврзување со целоста“ и „Поврзи се…“.