Драган Тодоровски со изложба на фотографии
Изложбата под наслов „Фотобелешки од Норвешка“ на фотографот Драган Тодоровски e отворена во изложбениот салон на центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Изложени се 36 фотографии, а во нејзини рамки, в сабота, со почеток во 12 часот, Тодоровски ќе одржи и работилница со проекција на фотографиите и со отворена можност за дискусија. Изложбата е дел од авторовите фотобелешки што ги снимил во периодот од 2015 до 2018 година во Осло и во околината, со мобилен телефон и фотоапарат при неговиот престој во дипломатска мисија во Кралството Норвешка, како вршител на должност во македонската амбасада во истиот град. Во Министерството за надворешни работи во Скопје како официјален фотограф тој е вработен во 1996 година, а во последнава деценија работи во Директоратот за билатерални односи со европските држави и е одговорен за земјите од Северна Европа.
– Патувањето на кое нѐ повикува Драган Тодоровски со својата изложба на фотографии побудува чувство на притаена и смирувачка радост. Циниците би рекле, во ова време на ковид-19 секое патување, па и она виртуелното, низ Норвешка, преку фотографиите на Тодоровски, само по себе е причина за радост. Со тоа што во авторската поставка на нашиот врвен фотограф од дарба и дипломат од кариера нема ни трошка цинизам туку изобилство од убавина, радост и она што му е насушно потребно на денешниот човек, каде и да се наоѓа – мир – вели амбасадорот Пајо Авировиќ во текстот од каталогот за изложбата, насловувајќи го „Носталгија за Северот“.
Драган Тодоровски завршил магистерски студии по меѓународно право и меѓународна политика на Правниот факултет во Скопје. Со фотографија почнал да се занимава како студент и член на ФКК „Козјак“ од Куманово. Бил дел од редакциите на весниците „Студентски збор“, „Млад борец“ и „Пулс“, а како фоторепортер соработувал со неделниците „Младина“ од Љубљана, „Данас“ од Загреб, „Недељна Далмација“ од Сплит и „Време“ од Белград. Објавувал фотографии и во „Политикен“ од Копенхаген, „Афтенпостен“ од Осло и др. Учествувал на повеќе групни изложби и е автор на десетина самостојни изложби на фотографија.