Претставен дрон што ќе пристигнува прв на местото на несреќата
Во Атланта, САД, беше претставен специјален дрон што прв ќе пристигнува на местото на некоја несреќа. Компанијата „Сонин хибрид“ разви дрон што може да лета со брзина до 225 километри на час, а е наменет за службите за итна помош. Дронот наречен „Сонин хибрид рекрут“, покрај брзината, има уште една предност, а тоа е технологијата што му овозможува да ја полни батеријата за време на летот. Дронот може да лета повеќе од три часа и е повеќе од трипати побрз од моментално најбрзите комерцијални беспилотни летала.
Иако беспилотните летала веќе ги користат полицијата, пожарникарите и владите, сè уште нема многу дронови дизајнирани специјално за службите што први пристигнуваат на местото на некоја несреќа. Ова главно се должи на ограничувањата што ги имаат беспилотните летала на батеријата, а која мора да се полни по краток период. Затоа, подолгите мисии не се изводливи.
Меѓутоа, дронот „рекрут“ има систем што користи бензин и батерија, што овозможува полнење во текот на летот. Тој е опремен со 4K-камера, со 3х оптички и 12x дигитален зум со фиксно и мобилно следење, а има и инфрацрвена камера ФЛиР за ноќна употреба. Исто така, има звучници и дополнително осветлување. Конструкцијата на дронот е изработена од јаглерод. „Сонин хибрид“ е во фаза на почнување на бета-програма со полицијата и пожарникарите во САД.