На секоја нестабилност или неизвесност, златото реагира така што ја покачува својата вредност. Во текот на неизвесни и матни времиња, неговата вредност секогаш значително се зголемува. Имајќи го предвид тоа, логично е што имаме ситуација во која од почетокот на пандемијата до денес вредноста на златото се има зголемено за неверојатни 40 отсто
Со векови златото отсекогаш претставувало симбол на моќ, престиж, богатство и просперитет. Како такво, тоа често доаѓало во сопственост на моќни владетели и богати поединци. Меѓутоа, денешните трендови се малку поинакви. Стравот од пандемијата се прошири насекаде и, меѓу другото, предизвика зголемен јавен интерес за највредниот благороден метал. Сите се обидуваат да дојдат до злато за да ја обезбедат сопствената иднина, анализира црногорскиот интернет-портал „Вијести“.
Која е причината за зголемениот интерес за златото?
Појавата на ковид-19 на момент го збуни човештвото. Во еден миг, секој од нас се замисли и си го постави прашањето дали е можно вакво нешто да се случи во дваесет и првиот век. Одговорот е многу јасен – може.
Како што минуваше времето, се појавуваа секакви дилеми, сомнежи и теории – од такви дали вирусот е создаден вештачки или побегнал од некаква лабораторија, потоа дали е навистина толку опасен, па до екстремните теории што налагаат дека вирусот претставува само големо покритие за економските проблеми, против кое светот засега е немоќен.
Времето покажа дека овој вирус е исклучително опасен, исто како и последиците од него. Впрочем, токму последиците со кои се соочува нашата планета се оние што внесоа оправдан страв во животот на секој човек. Следствено на тоа, разумните и одговорни граѓани сфатија дека сѐ може да се смени прекуноќ и да стане сосема неизвесно. Повеќето луѓе, освен што се трудат да го заштитат своето здравје, почнаа да размислуваат и како да го заштитат својот капитал.
Традиционално, најдобра заштита за финансискиот капитал претставува конкретната сопственост. Во неа спаѓаат недвижностите, обработливото земјиште и златото.
Поголемиот дел од популацијата смета дека во овој момент недвижностите се премногу скапи, очекувајќи коригирање на цените во полза на купувачите. Понатаму, еден од недостатоците на недвижниот имот лежи во фактот дека е потребно извесно време за тој да може да се претвори во пари. Да не заборавиме – тука се и данокот на имот и амортизацијата.
Во новонастанатава ситуација нагло се зголеми интересот за купување злато, затоа што тоа претставува најсигурна имотна категорија. На секоја нестабилност или неизвесност, златото реагира така што ја покачува својата вредност. Во текот на неизвесни и матни времиња, неговата вредност секогаш значително се зголемува. Имајќи го предвид тоа, логично е што имаме ситуација во која од почетокот на пандемијата до денес вредноста на златото се има зголемено за неверојатни 40 отсто.
Во овој момент, вредноста на златото е во мирување. Најавата за скорашна вакцина против коронавирусот во најголема мера го смири светот. Оттука, понатамошните текови на вредноста на златото на глобално ниво ќе зависат од развојот на вакцината. Секако, појавата и дистрибуцијата на вакцината нема да ја намалат вредноста на златото, туку ќе ја остават на сегашното ниво. Од друга страна, доколку дојде до влошување на епидемиолошката ситуација и се воведат одредени ограничувања, златото го очекуваат нови предизвици и нови, многу повисоки вредности.
Во периоди на рецесија, вредноста на златото знае да се зголеми и неколкупати
Во периоди на рецесија од среден интензитет, вредноста на златото знае да се зголеми и неколкупати. Таква беше рецесијата што го погоди светот во 2008 година. Тогаш вредноста на златото се зголеми дури за 280 отсто. Јасно е дека златото не може да ја спречи појавата на криза, односно економските нарушувања, но може да ги амортизира последиците од нив. Токму така, преку силниот пораст на неговата вредност, златото има способност да ги амортизира последиците од криза (намалување на деловната активност и еластичност, губење на куповната моќ на парите и сл.)
Во периоди на економска непредвидливост, вредноста на најсилните и најзастапени валути – еврото и доларот – нагло опаѓа. Исто така, пад во вредноста има и кај одредени форми на имот, како што се недвижностите и обработливото земјиште. Во такви околности, вредноста на златото засилено расте. Оттука, зголемената побарувачка за злато од економски аспект е апсолутно оправдана.
Доколку решите да купувате злато, најдобро е да се купува чисто, односно она со најголема чистина од 999,9. Ова злато во светот е познато како инвестициско злато. Се произведува во форма на златни прачки и златни дукати. Инвестициското злато е најликвиден имот, нешто што можете веднаш да го претворите во готовина. Втора супериорна карактеристика на инвестициското злато е минималната ефективна разлика помеѓу тековната продажна и тековната откупна цена – таа се движи некаде од 2 до 3 отсто. Трета придобивка во однос на купувањето инвестициско злато е отсуството на обврската за плаќање данок.