Во Албанија во јавноста се појавија документи за извршени воени злосторства од страна на поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Документот, кој е на 260 страници, содржи меѓу другото имиња на осомничени високи актуелни политичари што би можеле да се соочат со обвиненија за воени злосторства. Доверлив извор од Специјализираниот совет на Косово и Специјалното обвинителство во Хаг потврдил дека документите се автентични
„Бомба-документ“ со докази за воени злосторства на Косово протече во јавноста во соседна Албанија
Хашим Тачи, Кадри Вејсели, Реџеп Селими, Азем Сила и Јакуп Красниќи се политичарите што најчесто се спомнуваат во документот и се главните осомничени на кои им се заканува поднесување обвинение.
Во врска со ова, новинарот Мухамед Велиу од Албанија потврди дека обемниот документ е добиен од доверлив извор во Специјализираниот совет на Косово и Специјалното обвинителство во Хаг. Тој појасни дека се работи за официјално резиме на истрагите на обвинителството и околностите за наводни злосторства, кое било комплетирано во 2019 година и послужило како основа за судско гонење од страна на хашкото обвинителство.
Албанската телевизија Топ ченел најави дека во текот на една недела во континуитет ќе објавува избрани делови од информациите содржани во досието. Медиумот излезе со соопштение во кое се забележува дека досието содржи податоци за доказите со кои располагаат обвинителите – бројот на наводни жртви на ОВК, бројот на убиени во затворските логори, како и имиња на сведоците. Според извештајот, хашките обвинители основано се сомневаат дека припадниците на ОВК убиле 87 лица.
Првото поглавје од документот се фокусира на убиства што се резултат на тортура и нехуман третман на лица што од страна на ОВК биле осомничени како соработници на Србија. Другите убиства биле извршени надвор од затворските логори.
Во второто поглавје се тврди дека припадниците на ОВК „имале заедничка цел да го стават Косово под контрола.“
Во него се сместени истражувањата за формирањето на ОВК и нејзиниот судир со Демократската лига на Косово – либерално-конзервативна косовска партија, која досега решително одбиваше конфликтот со Србија да го решава по воен пат. ЛДК во моментов ја предводи Владата.
Третото поглавје носи наслов „Подготовка и спроведување на заедничката цел“. Како што се наведува, тука се сместени доказите против високото раководство на ОВК за наводни злосторства извршени во повеќе затворски логори за време на периодот 1998-1999 година. Азем Сила, Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Кадри Вејсели и Реџеп Селими би можеле да се соочат со обвиненија токму врз база на овие докази.
– Постојат релативно лимитирани докази за директно учество на оние што се потенцијални кандидати за судско гонење поради воено злосторство, а постојните докази не се нужно во корелација со криминалите истражувани од канцеларијата на Специјалното обвинителство, за кои се подготвуваат обвиненија – наведуваат обвинителите во документот, според информацијата на Топ ченел.
Ова е третпат во последниве две недели да протекуваат доверливи истражни досиеја и информации од седиштето на Хашкиот трибунал.
Во два претходни наврати, илјадници приватни документи беа доставени до Организацијата на ветераните на ОВК.
На 24 јуни 2020 година, Специјалното обвинителство во Хаг објави дека поднесе обвиненија против претседателот на Косово, Хашим Тачи, и поранешниот претседател на косовскиот парламент Кадри Вејсели – и двајцата поранешни високи функционери на ОВК.