Арктикот може да стане еден од најголемите светски центри за складирање на податоци на меѓународните компании, изјави денеска проектниот офицер за развој на Арктикот, академик Александер Воротников.
Тој додаде дека многу меѓународни компании, како на пример Фејсбук, имаат центри за податоци во близина на поларниот круг.
– Русија има голем потенцијал на природен студ, што е неопходно за работа на центар за податоци – истакна Воротников, додавајќи оти поединечни регионални власти им понудиле на инвеститорите територии за организирање на складишта за податоци.
Воротников потенцира дека Русија има и правна основа за развој на таков проект.
Кон крајот на минатиот месец Русија усвои закон со кој се регулира механизмот за соработка помеѓу јавниот и приватниот капитал во информатичките технологии.