Премиерот Зоран Заев, кој престојува во дводневна работна посета на Грција со владината делегација денеска ќе разговара со премиерот Киријакос Мицотакис и со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу. Заев учествува на 24-та тркалезна маса со грчката влада, организирана од магазинот „Економист“ за борбата против пандемијата со Ковид-19 и нејзиното влијание врз глобалната и европската економија.

На панелот учествуваат и поранешните претседатели на Србија и Црна Гора, Борис Тадиќ и Филип Вујановиќ, поранешниот премиер на БиХ, Златко Лагумџија и спикерот на грчкиот парламент, Дора Бакојани.

Во македонската делегација се и вицепремиерите за економски и европски прашања, Фатмир Битиќи и Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Првиот работен ден на конференцијата на угледниот „Економист“ во Атина заврши со констатација дека во критични времиња, предизвикани од пандемијата со ковид-19, народите од Европа мора да бидат здружени во справувањето со заканата по здравјето на граѓаните, на јавното здравје, на економијата и на општественото живеење.

Со поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас и со поранешниот претседател на Франција, Франсоа Оланд, Заев информраше дека на свечената вечера се согласиле дека ова е време кога заедно со националните интереси на секоја земја, ги споделуваме и солидарноста и кохезијата за да направиме уште еден чекор напред кон подобра заедничка иднина.

– Пандемијата со ковид-19 значително го промени нашето секојдневие, но заедно сме тука за да станеме посилни, за да ја совладаме и победиме заканата која предизвика здравствена, економска и социјална криза. Заеднички ја исцртуваме стратегијата за да излеземе од кризата посилни и со продлабочено пријателство од справувањето со кризата – објави Заев на Фејсбук.

Конференцијата на угледниот магазин „Економист“ како тркалезна маса со Владата на Грција и учесници од регионот, оваа година е посветена на темата „Европа: Зајакнување на кохезијата во турбулентни времиња“ и е вруток на идеи и насоки за брз и ефикасен излез од кризата предизвикана од пандемијата со ковид-19.

Од конференцијата се очекува и придонес во креирањето на новата стратегија за кохезија и заедништво на Европската Унија, како и за клучната улога на јавните здравствени политики за успешно спроведување на излезните стратегии со ковид-19.


Османи на средба со грчкиот колега Дендиас

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ќе ја има својата прва официјална средба како предводник на надворешната политика на земјава, со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас.

Според предвидената агенда, ќе бидат отворени бројни теми во рамките на билатералната соработка меѓу двете земји, како и актуелностите околу политичката динамика во регионот. Османи на средбата ќе ја отвори темата и за претстојните заклучоци во рамките на телата на Европската Унија, за усвојување на преговарачката рамка за Република Северна Македонија и одржување на првата меѓувладина конференција за време на Германското претседателство, како формален старт на преговорите за полноправно членство во ЕУ.

Посебен фокусна средбата на двајцата министри ќе биде ангажманот и активностите на двете министерства кои претстојат во функција на интензивирање и продлабочување на политичкиот дијалог и вкупната соработка во различни области, согласно Акциониот план за соработка и имплементацијата на преземените обврски од Договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји (Преспа).

На средбата се очекува да бидат отворени и сите останати теми од областа на билатералната соработка: реактивирање на размената во културата, поттикнување на комуникацијата и активностите за унапредување на економската соработка, прашањата за забрзување на проектите за гасната и железничката интерконекција, како и сите останати прашања од областа не севкупната општествена и политичка размена.

На средбата се очекува посебен осврт да се даде и на работата на експертските комисии за унапредување на добрососедските односи,како и на разгледувањето на можноста за нивна поинтензивна комуникација и непречена работа во услови на пандемијата ковид-19.

Османи на почетокот на мандатот најави интензивирање на комуникацијата со соседите, издигнувајќи го прашањето за добрососедските односи како врвен приоритет на надворешната политика, за што се очекува темите од оваа област да бидат во фокусот на неговата агенда во претстојниот период, се наведува во соопштението на МНР.