(Отворено писмо до Владо Камбовски, академик во МАНУ)
На 2.7.2018 година, вие на телевизија Телма, во терминот за вести, во 18.30 часот, дадовте изјава за јавноста дека претседателот на државата Република Македонија, Иванов, правел непоправлива грешка со одбивањето да го потпише указот за прогласување на Законот со кој се ратификува спогодбата помеѓу Македонија и Грција. Додадовте дека со ваквата грешка претседателот ќе треба да преземе одговорност и дека е должен да го потпише указот.
Ве прашувам, господине Владо, ако сте вие на местото на претседателот Иванов, дали ќе потпишете указ. Сигурен сум дека нема да потпишете, имајќи ги предвид вашата лична вредност по образование и вашето досегашно искуство како професор по право, сојузен министер за правда и сега како академик. Вие сте професор по право и никогаш не би сте се огрешиле да го прекршите Уставот на РМ. Во Уставот имаме јасна и недвосмислена одредба, чл. 119 ст. 1, во која е запишано дека меѓународни договори во име на Република Македонија ги склучува претседателот на РМ.
Како може да си дозволите при една ваква одредба да им кажувате на граѓаните преку јавно гласило дека Законот за ратификација требало да го одобри со указ претседателот. Спогодбата помеѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција е потпишана на ниво на министри. Нашиот министер за надворешни работи нема овластување од никого за да се договара и преговара, а најмалку да потпише договор. Вистина, спогодбата беше поздравена од функционери на ЕУ, НАТО, САД и Русија, но нивното честитање требало да следува откако ќе бидат запознаени со правата на потписникот.
Не знам дали вие сте ја прочитале спогодбата. Тоа е ваш проблем. Дали вашиот став е врз основа на Уставот, самите проценете.
МАНУ преку вашиот претседател Таки Фити во почетокот на преговорите ѝ кажа на јавноста дека за Македонија не е прифатливо ерга омнес за внатрешна употреба. Исто соопштение даде и премиерот Заев. На што се должи ова свртување тоа го знаат самите актери.
Господине Владо, да ве потсетам што пишува во спогодбата:
Чл. 1 ст. 1 договорено е име за државата Република Северна Македонија. Ова е име и за внатрешна употреба, ерга омнес.
Во чл. 1 ст. 3, под б), министерот прифатил државјанството да биде – граѓанин на Република Северна Македонија.
Во чл. 1 ст. 3, под г), договорено е: термините „Македонија“ и „македонски“ го имаат значењето дадено во чл. 7 од оваа спогодба. Зошто термините „Македонија“ и „македонски“ се под наводници, вие знаете подобро од мене.
Во членот 7 пишува:
Став 1: страните прифаќаат дека нивното односно разбирањето на термините „Македонија“ и „македонско“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство.
Став 2: во однос на Првата страна (Грција) овие термини ја означуваат не само областа и народот на северниот регион на Првата страна туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследство на тој регион од антиката до денешен ден (сме признале дека територијата на која имаме држава е грчка територија). Вие вака договореното подобро можете да го протолкувате.
Став 4, под ж): трговските марки и заштитните знаци на македонските производи ќе ги определува експертска група, чии ќе бидат и какви.
Член 1 ст. 12: ни се наложува да ја измениме преамбулата, каде што единствено стои македонскиот народ. Ова име треба да го бришеме.
Земена е обврска чл. 49 од Уставот да го смениме или избришеме. Со овој член Уставот предвидува РМ да се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците. Од оваа грижа треба да се откажеме. Во чл. 8 ст. 2 ни се наложува да го преиспитаме статусот на спомениците и археолошките ископини. Се бара ревизија на учебниците по историја. Грците треба да ни ја напишат историјата на македонскиот народ.
Има и други обврски. При вакви обврски преземени од неовластен преговарачи и потписник на спогодбата, вие барате да се легализира Законот за ратификација на спогодбата. Не само вие ами сите во МАНУ треба добро да ја анализирате спогодбата и пак да излезете со јавно соопштение. Ние, обичните граѓани, сме поделени поради неукоста и јавните изјави на функционерите, особено професорите по уставно право. Тие треба да имаат единствен став.
(Веле Калчиноски, дипломиран правник)