Иранската државна телевизија објави дека властите го погубиле борачот кој присуствувал на антивладините протести во 2018 година, објавува „Бизнис инсајдер“.
– Казната против Навид Афкари, убиецот на Хасан Туркман, беше извршена во затворот Абелабад во Шираз – соопштил претседателот на судот во провинцијата Фарс, Казим Мусави.
Случајот на Афкари го привлече вниманието на кампања на социјалните мрежи, која ги прикажа него и неговите браќа како жртви, кои станале цел на властите откако учествувале на протестите во 2018 година.
Дури и американскиот претседател Доналд Трамп се огласи по повод случајот, јавно барајќи 27-годишниот борач да биде поштеден од смртната казна.
Властите го обвинија Афкари за убиството на вработен во компанија за снабдување со вода во Шираз, среде немирите. Обвинувањата за убиство поттикнаа сомнеж во меѓународната заедница и меѓу светските лидери, вклучувајќи го Трамп, кои сугериаа оти борачот е цел само бидејќи присуствувал на антивладините протести.
Иран го објави признанието на Афкари на телевизија минатата недела. Прилогот исто така предизвика сомнежи за пресудата. Во снимка што протекла, објавена од „Амнести интернешнл“, Афкари истакнал дека бил измачуван за да даде лажно признание за убиството.
Организацијата за човекови права соопшти дека од затворот протекла и друг снимка во која Афкари тврди дека е невин.
– Ако бидам погубен, сакам да знаете дека невина личност е погубена, иако со сета сила се бореше да биде слушната – кажал Афкари, според „Амнести интернешнл“.
Случајот поттикна и барања во Иран за укинување на смртната казна.