Русија е подготвена целосно да соработува со Германија во случајот со лидерот на руската опозиција, Алексеј Навални, за кого Берлин смета дека е затруен од нервниот агенс „новичок“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесуваат западните агенции.
– Потврдуваме дека сме подготвени и заинтересирани за целосна соработка и размена на информации на таа тема со Германија – рекол Песков, пренесува руската државна агенција РИА Новости.
Песков истакнал дека Германија официјално не ја известила Русија за нејзините заклучоци.
– Руското државно обвинителство испрати официјално барање до германската страна во надеж дека ќе добие официјален одговор. Нашите лекари предложија и официјална кореспонденција и размена на информации, но за жал тие не добија официјален одговор од германските колеги – рекол Песков.
Руското Министерство за надворешни работи ја обвини Германија за водење „дипломатија преку мегафон“ и замена на „нормалната соработка“ со „информативна кампања“, игнорирајќи ги постојните правни механизми за соработка.
Претходно, Велика Британија ја повика Русија да ја каже вистината за Алексеј Навални, за кого Берлин смета дека е отруен со рускиот нервен отров „новичок“, оценувајќи дека употребата на забрането хемиско оружје е целосно неприфатлива.
Вашингтон ја истакна својата загриженост дека резултатите од медицинските прегледи во Германија за Алексеј Навални укажуваат на труење.
„САД се длабоко загрижени за резултатите и го осудуваат чинот“, соопшти Советот за национална безбедност на Белата куќа.
Според агенциите, извор од американската влада нагласил дека Соединетите држави немаат причина да се сомневаат во заклучокот на германската влада дека Навални бил отруен со нервниот отров „новичок“.
Европската унија исто така го осуди труењето на Навални и ја повика Русија целосно да го испита овој „обид за убиство“ и „да ги изведе одговорните пред лицето на правдата“.