Невообичаено палеомагнетно истражување спроведено од израелски научници предизвика специфично набљудување што може да им помогне на археолозите низ светот. По два и пол милениума од падот на Ерусалим, неговите урнатини сè уште содржат важни податоци за магнетното поле на Земјата.
Помеѓу 589-586 година пред новата ера, вавилонскиот крал Набукодоносор Втори го освоил Ерусалим, влегувајќи во градот и уништувајќи го до неговите темели, со што ги лишил идните историчари од непроценливи информации за Јудејското Царство.
Тим археолози од Институтот за археологија на Универзитетот во Тел Авив, Институтот за науки за Земјата при Хебрејскиот универзитет во Ерусалим и Израелската управа за антиквитети завршиле необична студија, насочена кон утврдување на состојбата на магнетното поле на Земјата на денот кога Ерусалим го освоиле Вавилонците во 586 година пред новата ера.
Студијата, која неодамна беше објавена во научно истражувачкото списание „Плос ван“, испитува траги од ископувањата на кои се наоѓаат магнетизираните урнатини, како што се тули и покривни плочки, печки и парчиња керамика, кои содржат информации за преовладувачкото магнетно поле во времето кога биле уништени.
Предметите откриени на местото на една голема двокатна зграда пронајдена во националниот парк „Градот на Давид“, се загревале додека Ерусалим горел на температура од над 500 степени Целзиусови, што овозможило да се случи магнетизацијата.
Воав Вакнин, коавтор и докторанд на Одделот за археологија и антички блискоисточни цивилизации, ја објаснува постапката, велејќи дека научниците го откриле магнетното поле проучувајќи го подот на јавна зграда пронајдена на локалитетот.
– Со оглед на тоа дека пронајдениот под содржи магнетни минерали, сите тие тогаш се усогласиле со магнетното поле на Земјата, откако подот се загревал на многу високи температури. Благодарение на истражувањата што ги направивме во палеомагнетната лабораторија на Хебрејскиот универзитет, успеавме да го реконструираме магнетното поле на Земјата какво што било во одредено време во минатото – истакнува Вакнин.
Докторот Јифтах Шалев од Израелскиот управа за антиквитети, друг коавтор на студијата, нагласува дека археолошкиот настан на огненото уништување на антички Ерусалим одекнува многу јасно во библискиот текст.
– Во текстот се наведува: „Тој ги запали сите куќи во Ерусалим и ги запали сите знаменитости во пожарот“. Значи, она што го имаме овде е една од тие големи куќи, јавни куќи во Ерусалим, кои биле запалени за време на уништувањето на Ерусалим на 9 август 586 година пр. н.е. – објаснува Шалев, споменувајќи ги остатоците од зградата на локалитетот.
Покрај тоа што ова е единствена можност за историчарите и геолозите да научат за преовладувачките геомагнетни реалности од времето на големите антички цивилизации, студијата може да се покаже како корисна и за другите археолози, бидејќи успешно го реконструирала магнетното поле во 586 година пр. н.е. Затоа, таквите палеомагнетни анализи може да се споредат со слични урнатини од други области.
Уште поважно, истражувањето може да им понуди на научниците важни индиции за движењето на магнетното поле на Земјата низ милениумите.
Опсадата и падот на Ерусалим од страна на вавилонскиот крал Набукодоносор Втори се случиле откако вазалниот крал на Јуда, Седекија, се побунил против него. Бесот на Набукодоносор Втори бил толку голем што скоро целиот Стар Ерусалим бил уништен, непознат број Евреи биле убиени и раселени, а над 4.000 други биле протерани во Вавилон.