Детски културен центар „Карпош“ за време на овие несекојдневни околности го организира Интернационалниот фестивал на детската креативност – „Трамболини“ кој е прв фестивал од ваков тип во нашата држава. Целта е преку едукативни и креативни работилници да се развие креативноста и љубопитноста кај децата.

Она по што ќе биде единствен е фактот дека ќе има исклучиво квалитетни детски содржини, интересна програма, каде децата ќе можат да поминат квалитетно време, да уживаат и да се забавуваат благодарение на богатите креативни и едукативни содржини.

Разните активности ќе бидат вистинско освежување за децата и младите и ќе се случуваат на повеќе локации во градот, каде децата ќе ја развиваат својата креативност во повеќе области: ликовна уметност, музика, филм, литература, природни науки, археологија, а тоа значи дека со овој фестивал ќе бидат опфатени најважните и најкреативните области од културата. Работилниците ќе се реализираат на отворено, но и во простории на јавни институции кои се партнери во овој наш креативен детски фестивал.

Отворањето е вечерва во 19 часот, во Градски парк на летната сцена Школка, каде децата ќе имаат ексклузивна можност да го бараат изгубеното богатство. Но тоа не е сѐ. Покрај потрагата ќе има и други активности: изработка на фигури од балони, штулари, балерини, катче за боење и изработка на креативни украси, експерименти, пеење песни од Зоо азбука, а публиката ќе ја забавуваат и сите ќе можат да уживаат во прекрасните песни кои ќе ги изведат децата од нашиот хор „Гласот на децата на Скопје“.

Организаторите ветуваат дека ќе се почитуваат сите препораки за одржување на дистанца и заштита каде задолжително во критериумите за учество во работилниците се наведени сите мерки за заштита. Ќе се редуцира бројот на учесници во работилниците согласно препораките во моментот на реализација на работилниците.