На секој дрес што го носат играчите ќе стои пораката „благодарам“ за здравствените работници на јазикот на тимовите што играат во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ), објави УЕФА.
Европскиот фудбал беше прекинат во март поради пандемијата на коронавирусот, но неделава продолжуваат натпреварите со доигрувањето на осминафиналната рунда.
Покрај пораките на дресовите, УЕФА подготви и наменски ТВ-спотови, кои ќе се емитуваат за време на натпреварите и преку кои играчите лично ќе искажуваат благодарност. Исто така ќе има и едноминутно молчење пред почетокот на мечевите во знак на почит кон починатите од ковид-19.
– Јас сум пресреќен што нашите натпреварувања продолжуваат, но не смееме да ги заборавиме луѓето чија посветеност и лични жртви ни овозможија повторно да играме. Благодарноста на фудбалот не е ограничена со зборови. Овој невиден период нѐ научи дека фудбалот навистина може да биде важен двигател кон доброто – изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.