„Вози право, вози здраво“ е насловен проектот што вчера го промовираа градот Скопје и Стопанска банка, а со кој како донација се изградија пет станици за поправка на велосипеди. Сервисните станици за велосипеди се поставени на пет локации, на бензинската станица „Mакпетрол“ на булеварот Партизански одреди, кај раскрсницата со булеварот 8 Септември, бензинската станица „Макпетрол“ кај Транспортниот центар, бензинската станица „Макпетрол“ на излезот на Скопје кај Автокоманда, потоа една има бензинска станица „Окта“ на булеварот Србија и една пред инфоцентарот на градот Скопје во Градскиот парк.
Новите велосипедски станици ќе им овозможат на велосипедистите да извршат мали интервенции на своите велосипеди. Тие се поставени на локации, кои се внимателно одбрани, односно места каде што има поголема фреквенција на велосипедски сообраќај и на позиции каде што веќе постои 24-часовен видеонадзор. На тој начин станиците се заштитени од евентуални оштетувања.
– Станиците се опремени со рачна пумпа за гуми, 6 специфични алати, кои се стандардни за ситни поправки на велосипедите и кои веруваме лесно и брзо ќе бидат во примена од сите заинтересирани. Првата пробна станица беше поставена пред повеќе од 1 година и е во одлична форма – вели Ратка Тирицовска, директорка на Дирекцијата за маркетинг и односи со јавност во Стопанска банка.
Целта на поставувањето на станиците за поправка е поттикнување на граѓаните да ги користат велосипедите како алтернативно превозно средство во густо населените урбани средини, со тоа што би си заштедиле време и пари при транспортот од една до друга локација и ќе придонесат за намалување на загадувањето на воздухот.
– Градот Скопје заедно со Стопанска банка АД – Скопје ги повикува граѓаните почесто да ги употребуваат своите велосипеди и на тој начин да развиваат здрави навики грижејќи се истовремено и за чистиот воздух и за здравата животна средина. Намалувањето на сообраќајниот метеж, а со тоа и намалувањето на загадувањето на воздухот, се предизвици со кои се соочуваат сите големи градови во светот. Од овие причини посветуваме големо внимание на активностите што придонесуваат за постигнување одржлива урбана мобилност во сообраќајот – велат од градот.