„Главен град на тагата“ е насловот на најновата песна на Владо Јаневски, што беше промовирана денеска на пладне во кафе барот „Цреша“ во Скопје. Музиката и текстот се на Јаневски, за аражманот се погрижи Роберт Билбилов, а продукцијата е на Дарко Димитров. Режисер на спотот е Бане Поповиќ.
Видео приказната, во која и овојпат не се појавува Владо, е снимена во текот на минатиот месец на неколку локации во Скопје, и во неа се појавуваат неколку убави млади девојки, а специјална гостинка е Дунавка Трифуновска.
-И покрај насловот „Град на тагата“ песната, во себе носи убави и позитивни емоции. Тоа е една урбана приказна, спакувана во ведар спот- вели Јаневски.
Во годината во која прославува 25 години музичка кариера, познатиот македонски пејач на 2 август ќе одржи голем солистички концерт во Античкиот театар во Охрид.
М.Т.