Според пишувањата на западните медиуми, кои се повикуваат на извори од ЕУ, новиот буџет на Европа за следните седум години (2021-2027) со каса „тешка“ 1.074 милијарди евра се планира да ги санира последиците од пандемијата во неколку области како агрокултурата, климатските промени, здравството, инфраструктурата, владеењето на правото, миграцијата и друго
По повеќе од две години преговори, но и глобална пандемија, лидерите на земјите-членки на ЕУ завчера конечно се согласија за новиот буџет и за нивните планови за трошењето на Унијата во следните седум години. Повеќегодишната финансиска рамка (2021-2027 година), за која се постигна договор, ќе биде во висина од 1.074 милијарди евра придружена со 750 милијарди евра пари од фондот за закрепнување на ЕУ од пандемијата, средства што земјите-членки на ЕУ првпат здружено ќе ги соберат позајмувајќи од капиталните пазари. Но по завршувањето на еден од најдолгите самити во историјата на Унијата, дилемата што стана актуелна во написите на медиумите е всушност кој колку ќе добие од колачот и под кои услови ќе бидат доделени тие средства. Угледниот магазин „Политико“ на оваа тема пишува дека најмногу од финансиите од новиот буџет, но и корона-фондот на Унијата сепак ќе се пренаменат за ублажување на економските последици на земјите од пандемијата, при што другите финансии исто така ќе бидат распределени во повеќе сектори на кои им е потребна финансиска поддршка во блокот како што се агрокултурата, животната средина, здравството, инфраструктурата, владеењето на правото, миграцијата и друго.
Обнова од кризата
Во меѓувреме, според магазинот, најголемиот дел од фондот за обнова од новиот коронавирус ќе бидат грантовите од 312,5 милијарди евра и заемите од 360 милијарди евра, кои ќе бидат потрошени преку новиот механизам за обнова. Тие ќе им помогнат на земјите во нивните економии низ кризата. Грантовите се поврзани со националните планови за обнова, што значи дека тие се поврзани со економски реформи: земјите ќе примаат средства врз основа на нивниот напредок кон одредени цели. Под притисок за спас на еврото, лидерите ја напуштија идејата за инструмент за поддршка на солвентност од 26 милијарди евра за да им помогне на компаниите при опасност од банкрот.
Земјоделство
Буџетот на заедничката политика за земјоделство е 336,4 милијарди евра, што вклучува 258,6 милијарди евра за првиот столб (од кои главно директни плаќања кон земјоделците) и 77,9 милијарди евра за политика за рурален развој. Ова е намалување за 46 милијарди евра од буџетот за 2014-2020 година. Новиот договор вклучува и грантови од 7,5 милијарди евра од Фондот за рурална реконструкција, што треба да им помогне на земјоделците да ги исполнат климатските амбиции на заедницата. Таа бројка беше намалена на половина за време на последната фаза од преговорите, но можеби за ублажување на ударот европските лидери се согласија да издвојат до 5,4 милијарди евра како подарок за 15 земји од буџетот за развој на земјоделството. Најголем удел ќе добие Франција, потоа Германија, Италија и Шпанија.
Кохезија
Фондот за кохезија, кој има цел да им помогне на посиромашните региони во Европа и во одреден момент да го изедначат животниот стандард, е во вредност од 330 милијарди евра. Уште 47,5 милијарди евра, исто така, се додадени во рамките на новата програма „Реакт ЕУ“, која е дел од механизмот за обновување. Во текот на последните две години, државите од јужна и од југоисточна Европа се бореа напорно за да ја зголемат кохезијата, утврдена во првичниот предлог на Европската комисија, што е 330,6 милијарди евра, што претставува намалување од 10 отсто од сегашната повеќегодишна финансиска рамка.
Животна средина и здравство
Паралелно на ова лидерите исто така се согласија 30 отсто од целиот буџетски пакет да биде за постигнување на климатските цели, што е победа за активистите за животна средина. Тие, исто така, се согласија да формираат нов фонд за преодни правила, кој ќе помогне во силно загадените региони да ги финансираат промените кон почистите индустрии. Но од финалниот договор ќе добие вкупно 17,5 милијарди евра, откако предложениот додаток од фондот за наплата беше значително намален. Во однос на здравството, како што наведува „Политико“, новата здравствена програма ќе добие 1,7 милијарда евра. Ова е предлог на Комисијата пред здравствената криза, но тоа е мал пад во споредба со финансирањето за земјоделството и регионалниот развој. Интересно е што пред крајот на самитот на крајот од разговорите, лидерите на ЕУ ги отфрлија плановите за додавање осум илјади милијарди евра за здравство од Фондот за реконструкција на ЕУ.
Иновации и дигитализација
Понатаму угледниот магазин пишува дека со новиот буџет на ЕУ програмата „Хоризонт Европа“ ќе добие 80,9 милијарди евра. Ова се 16,2 милијарди евра повеќе од претходниот буџетски период. Но секторот претрпе голема загуба за време на преговорите, откако Комисијата излезе со голем предлог, како дел од нејзините напори за промена на буџетските приоритети од традиционалните програми. Од друга страна, програмата „Дигитална Европа“ за финансирање суперкомпјутери, вештачка интелигенција и компјутерска безбедност ќе добие 6,8 милијарди евра, што претставува големо зголемување од 183 милиони евра за дигитализација во тековниот фискален период. Но тоа не е доволно за европската технологија во индустријата, која последниве недели вршеше притисок за поголем буџет за да се натпреварува со Кина и со САД. Комисијата првично предложи 8,2 илјади милијарди евра, наведува „Политико“.
Инфраструктура и миграција
Транспортната инфраструктура ќе биде финансирана со 11,4 милијарди евра (плус 10 милијарди евра од регионални фондови), вклучувајќи и 1,4 милијарда евра за железнички сообраќај, што е помалку од последниот буџетски период. Имено, 5,2 милијарди ќе одат во енергетската инфраструктура, 1,8 милијарда на дигиталната инфраструктура и 13,2 милијарди до вселенската програма на ЕУ, сите со мало зголемување од претходниот седумгодишен буџет. Исто така новиот буџет предвидува повеќе средства за програми за миграција и гранично управување, но помалку отколку што побара Комисијата. Договорот вклучува 22,7 милијарди евра, а Комисијата побара 30,8 милијарди евра.
Владеење на правото
Другата клучна точка што беше една од спорните при носењето на новиот буџет и корона-фондот беше формулата за поврзување на фондовите на ЕУ со почитување на принципите на правната држава и владеењето на правото, која на крајот сепак се усвои од сите 27 земји-членки. Во тој контекст Полска и Унгарија жестоко се противеа на таков механизам, особено што против обете земји е поведена постапка поради кршење на основните вредности на ЕУ и намалено владеење на правото во овие две држави. Во меѓувреме интересно за посочување е дека во новиот буџет на ЕУ се вклучени и средства од околу 5 милијарди евра за приспособување на економиите на некои земји по брегзит, на што најмногу се радуваше ирскиот премиер Мајкл Мартин.