За тоа колку е непредвидлив животот зборува уште еден скопски куриозитет: дебармаалецот Божидар Таневски, еден од најдобрите мајстори на прецизна механика во Скопје, во својата колекција ја чува машината за пишување позната под името „корона“, која во Скопје се користела пред и по Втората светска војна
Скопје почнало да го фаќа чекорот со Европа на почетокот на 20 век, а особено во периодот меѓу двете војни, заедно со новите технички пронајдоци и развојот на индустријата. Сето тоа се одразувало и на стандардот во секојдневниот живот. Се случувале мали чуда, а автомобилот и велосипедот биле реткост во тоа време. Се отворале првите бензински пумпи, првите сервиси за автомобили, фабрики за текстил и козметика, современо производството на пиво и слад. Трговијата се проширувала и земала невидени размери. Малите, ситни нешта станувале потреба без која не можел да се замисли животот – прашоците за перење, модерната технологија и пакување на цигарите, средствата за чистење и одржување на облеката и грижата за личната хигиена. По Втората светска војна, сиот тој процес како да почнува одново, недостигот од такви производи морал трпеливо да се дополнува. Денес во Скопје постојат многу од тие „мали големи нешта“, кои сопствениците ги зачувале како скапоцен дел од својот изминат живот, но и од животот на градот. Еден стар скопјанец долги години ја чуваше првата запалка на бензин што се користела во 1920-тите години.
Таа била престижна и вистинска реткост за тоа време, а ја употребувал неговиот татко, маџирмаалец. Интересна е историјата на овие запалки. Се појавиле на почетокот на 20 век, а особено биле користени од војниците во Првата светска војна. И оваа скопската, според својата интересна форма, естетски привлечно е обликувана и ја зачувала патината на времето кога е произведена.
Од периодот меѓу двете војни постојат многу интересни пакувања на првите прашоци за перење алишта и за миење садови што се користеле во Скопје. Тие се вистинска реткост. Пакувани се во релативно мали кутии, за разлика од денешните. Некои од нив се произведувани и за време на окупацијата.
Прашокот по име „сапо“ се користел за чистење и перење ткаенини, прашокот „дар“ за садови, а „тип“ за одржување санитарии. Подоцна, се сеќаваме и на употребата на „плави радион“, кој беше особено популарен. Од Запад е увезувана и познатата боја за чевли по име „нигрин“ на фирмата „Елит“. Првата модерна продавница за велосипеди во Скопје била отворена во 1930-тите години, во една зграда наспроти денешниот парк „Жена-борец“. Постарите се сеќаваат на имињата на луѓето што работеле во продавницата: газда Лазо и продавачот Ѓоре, кои биле особено популарни во градот. Да се има велосипед во тоа време било вистинска реткост. Тоа биле главно германски велосипеди од марката „кухман“, со светлечки ламби од фирмата „Нирона“. Таква една куриозитетна велосипедска ламба, која била палена со кибрит, денес поседува скопјанецот Томче Павловски, кој многу нешта зачувал од својот татко Трпе Павловски. Пред војната, татко му работел во „кинкелерија“, како што тогаш се нарекувале богатите продавници за широка потрошувачка со разновиден асортиман.
Секое време има свои престижни нешта што многумина сакаат да ги поседуваат, доколку за тоа им се укаже можност. Не се стануваше толку лесно скопски фраер ако не се патуваше во Трст по фармерки, по нова гардероба или цигари „марлборо“. Требаше да се помине тој пат од првата цигара до фармерките „левис“. Ако подоцна нешто од сето тоа се зачуваше како интимен спомен и реликвија, уште подобро. Вака се сеќава еден фраер од тие години на својата младост, од крајот на 1960-тите и почетокот на 1970-тите години: „Патувањето во Трст беше многу популарно, и ако сакаше да бидеш вистински фраер, требаше оттаму да се вратиш со нови фармерки и цигари ,марлборо`“, вели тој. „Во Скопје тогаш сѐ уште постоеше корзото пред Ристиќева палата и Кооператива, а имаше и повеќе дискоклубови. Е, таму требаше да се појавиш со нови фармерки и кутија ,марлборо`, чаламџиски ставена на појасот од фармерките, ако сакаше нешто да значиш во градот“.
Навистина, 1970-тите години беше времето кога во поранешната држава доста се патуваше, имаше можности за тоа, а тој флуид на младост што обединува и идеи што сплотуваат беше присутен насекаде. Некои од моите денешни пријатели по скопските маала поседуваат и една извонредно раритетна колекција на цигарите „вардар“ од времето на војната. Тоа се големи пакувања од по сто парчиња во кутија. По желба, тие можеле да се продаваат и на парче. Во истата таа серија постоела и марката цигари „охрид“. Подоцна, по војната, се произведувани цигарите „вардар“, но и „билјана“, со кутија што се отвораше како табакера. Оваа колекција ме потсети кога во Скопје не беше чаламџиски само да пушиш „марлборо“, „кент“, „астор“ или „винстон“, имаше и домашни брендови чии имиња обележија едно време: познатите ЛД и првите цигари со син филтер „билјана“, потоа „ривал“, нишка „морава“, сараевска „дрина“, филтер „југославија“. Сите некогашни новитети што доаѓале во Скопје, а кои денес се зачувани реликвии или драги спомени, најчесто можеле да се набават во центарот на градот, особено на денешната улица Македонија: првите чоколади на загрепски „Унион“ и „Нестле“, првите микрофони и звучници, модерните апарати за домаќинство, модните новитети. Сето тоа е жива историја на која граѓаните се сеќаваат, но и грижливо во своите домови ги чуваат материјалните артефакти како своевидна скопска урбана историја. А за тоа колку животот е непредвидлив зборува уште еден скопски куриозитет: дебармаалецот Божидар Таневски, еден од најдобрите мајстори на прецизна механика во Скопје, во својата колекција ја чува машината за пишување позната по името „корона“, која во Скопје се користела пред и по Втората светска војна (види ја фотографијата).