Различни концепти и пристапи се понудени од годинешните куратори, Габи Нгкобо и нејзиниот интернационален тим

Уметниците поканети за учество во 10-то Берлинско биенале доаѓаат од различни страни на светот: Јужна Африка, Бразил, Доминиканска Република, Индија, Намибија и Холандија, вмрежувајќи се во широк интернационален конструкт што ја слави годишнината на еманципаторските движења од 1968 година. Различни идентитети, кои опстојуваат во постколонијални контексти, сѐ уште се во потрага по својот дом. Берлин и Германија со својата отвореност кон светот им понудија на овие млади автори да најдат заеднички јазик да проговорат преку уметноста за бездомништвото што никогаш не завршило

Натали Р. Павлеска


Десеттото Биенале на современата уметност во Берлин, насловено „Не ни треба уште еден херој“, се одржува на неколку изложбени локации во Берлин, а ќе трае три месеци, до 9 септември. Градот Берлин, преку Институтот за современа уметност, како една од најинтересните платформи за ваков потфат, ги отвора проблематиките што го обликуваат светот денес преку уметноста како негова најрепрезентативна и најрелевантна слика. Традицијата на ова биенале е започната рано, во 1998 г., тогаш курирано од славните Клаус Бисенбах, Ханс Улирх Обрист и Ненси Спектор, воспоставувајќи позиционирање во глобалниот уметнички свет и достигнувајќи на самиот почеток голема популарност и критички успех.
Различни концепти и пристапи се понудени од годинешните куратори, Габи Нгкобо и нејзиниот интернационален тим: Номадума Роса Масилела, Серубири Месес, Тиаго де Паула Соуза и Ивет Мутумба. Тие поаѓаат од позицијата на Европа, Германија и Берлин, како град што воспоставил дијалог со светот, соочувајќи се со нестивнувачките и непрестајните грижи на нашето време. Темата произлегува од моментот на непосредните геополитички промени што доведоа до промена на режимот, притоа запишувајќи во историите на светот нови личности.
Насловот референцијално произлегува од познатите стихови на Тина Тарнер („We don’t need another hero“), но во овој контекст сметајќи на херојот како синоним на моќта, а истовремено и како содржател и носител на историјата (како цикличен прoцес), времето и просторот (како оптимални одредници во кои сме заглавиле), како што укажува Нгкобо. Поставувајќи ги уметниците пред отворени прашања за релациите помеѓу сегашноста и минатото, кои сѐ уште се актуелни и релевантни пред една поширока контекстуализација, поставките и изложеното немаат за цел да обезбедат кохерентно читање на историите на денешницата. Наместо тоа, го истражуваат политичкиот потенцијал на чинот на самоодржливост.
Она што е наведено во воведниот текст за Биеналето, секако, е евидентно во изложеното, во смисла на допирливоста на моментот на ангажираност на уметниците, но притоа отстапувајќи им доволно место на креативците да проговорат низ сопствениот јазик и разбирање на состојбите и проблемите околу потеклото на предметите во збирките, вкоренети во колонијалните контексти.

– Обраќајќи се кон историјата од сегашноста, оваа тема наложува размисли за непозната иднина, нешто што не може да се разбере веднаш, како релативна непроѕирност, како случувањата од сегашноста ќе влијаат на иднината, гравирајќи простор во кој би можеле да ја одржиме колективната оддалеченост од пренагласена поедноставена поимливост за нови почетоци, посочувајќи ја како можен мисловен процес – фикцијата на единката, да ги замисли бојата на историјата и бојата на иднината – вели Габи Нгкобо.
Влегувајќи во светот на живата уметност, гледачот е изложен пред голема неизвесност, притоа барајќи во себе априори подготвеност за исчитување на она што ќе следува. И сета таа возбуда и загатливост полека се расплетуваат, имајќи пред себе навистина читлива уметност. Целосниот спектар на приложени приказни на оваа изложба, остава доволно отворен простор за менување на нашите ставови кон и за светот и луѓето со кои го делиме, патувајќи низ сет од контрадикции што можат да произлезат од нови свежи разбирања за алтернативните историски конфигурации.
Една од повпечатливите видеоинсталации на Биеналето е „Легендарис“ на Синтиа Марсел, бразилска уметница позната по перформативни видеоинсталации, изведби и видеоснимки што ги приспособуваат формите на трудот за да произведат поетски ситуации. Делото на Масел говори преку јазикот на составни делови – како материјали за обликување, барајќи ја поетиката на дневните циклуси и конструктивни рутини, низ кои нашата реалност навигира во времето и просторот. Ова дело претставува обид да се распакува „трудот“ како процес што се одвива во културните институции што опстојуваат прекаријатно и она што сите заедно го правиме внатре во капиталистичката мрежа. Во суштина, „Легендарис“ е гест на признавање луѓе, работници чии напори често се превидуваат или се игнорирани од нашиот колективен фетишистички поглед на институцијата. Преку ова дело се оддава почит кон луѓето, кон скриените социјални животи, кои потпомогнале во обликувањето на карактерот на одредена институција, како чекор напред кон напуштање на модернистичката институционална митологија.
„За окултната нестабилност“ на авторот Динео Сеше Бопапе е екстензивна инсталација во простор, создадена од тули, игра со светлина, звучни инсталации, вода и други материјали. Овој автор по потекло од Јужна Африка покажува интерес за теми поврзани со местото и неместото, земјата и безземјата, истражувајќи ја празнината во космосот, како и трансцедентализамот, иднината и меморијата, сето тоа во релација со Африка и нејзините иселеници. Естетскиот видеопристап и визуелните ефекти се клучните аспекти во неговото творештво, често употребувајќи композиција и декомпонирање филмски материјал. Размислувајќи низ звукот, литературата и поезијата, авторот позајмува видеоперформанс на Нина Симон, употребувајќи најдени материјали, како сугестија за различни состојби на разурнатост и наедно ја користи палетата преземена од тоа видео за да постигне амбиентална портокалова обоеност на просторот. Идеите за монументализација, комеморација, навраќање кон историјата, се имплементирани во оваа инсталација, како контемплативни алатки што потсетуваат на граничните состојби помеѓу лудилото и колонизацијата на Франц Фанон (психијатар, филозоф, политички радикал, кој во своето животно дело ги истражувал колонизацијата, социјалните и културните последици од деколонизацијата).

„Легендарис“ на Синтиа Марсел

Фотографските серии „Фроуст“ на Јоана Пиотровска, која живее и работи во Лондон, родена во Полска, се дел од истражување во полето на фотографијата, направени во црно-бела техника (документарна традиција), снимени во домашни амбиенти. Фотографиите портретираат двојки или членови на семејството од различни полови и возрасти, кои најчесто се допираат еден со друг. Пиотровска се обидува да проникне подлабоко во разбирањето на семејството како комплексна единица, како извор понекогаш на непријателство, а некогаш на безбедност. Истражувањето низ повеќеслојна композиција, заробена во овие фотографии, ја отсликува индивидуата во релација со колективната динамика на социјалниот живот и секојдневието. Пиотровска користи аналоген 16 мм формат на филм, создавајќи театрално сценарио, говорејќи на тој начин преку визуелниот јазик, кој препознава невербална телесна азбука. Телото е основната алатка што ја користи авторката, обидувајќи се да ја извлече есенцијалната состојба на индивидуата во невидливиот систем на функционирање, обраќајќи се преку микрокосмосот кон поголеми макроконтексти.
Тони Круз Пабон во делотo „Далечински цртежи“, преку техника цртеж на ѕид со молив, покажува дека границите помеѓу уметничкиот медиум, материјалноста и јазикот може да се поместат во современ мултидисциплинарен контекст, обновувајќи го цртежот како основен јазик на трансмисија. Во делото на Круз Пабон е читливо искривувањето на идејата за географската дистанца/оддалеченост, со претпоставка за политиките и субјективните растојанија, конвертирајќи ја картезијанската геометрија во афективна картографија на практики и навики. Силната сугестија на авторот потсетува дека контекстите, како и пределите со нивната рурална, урбана или културна природа, се дел од човековата имагинација и социјална интеракција, а не природно дадени.
„Вид на црно: појавна поетика на неизбежното непознато“ е мултимедијално дело што претставува метанарација, тековна конверзација помеѓу два субјекта – авторите: Синетемба Твало и Јабу Арнел. Проектот носи комплексна содржина составена од седум композиции што опфаќаат: видеодокументација, боја, звук, употребувајќи материјали како бамбус, дрво, сунѓер, ангажирани преку инсталација во простор, креирајќи на тој начин течение на замислата на овие два автора. Обидот да се раскаже прoцесот на себеиздвојување во соочувањето со непознати контексти, лизгавата природа на чинот „да се излезе во орбитата“ или понекогаш неизбежното чувство за колапс во процесот на отуѓување преку делото, е навистина комплексна реторика. Изјавите што означуваат одвојување објекти, нивната имплицитност и капацитет да одразат, имајќи го предвид и соединувањето на субјектот со чувството на загуба, се дел од незавршен процес, оставајќи ги во дадена контекстуализација, имаат потенцијал да останат непрепознатливи. Таа некомплетност го подвлекува чувството на празнина кај субјектот и средбата со сопственото јас. Ова дело, како комеморативен простор ограничен во суровата и оптимистичка желба, се обидува да ја пренесе небулозната средба помеѓу медиумот (ослободениот гест) и авторот (создателот), на некој начин откривајќи ја внатрешната состојба на авторот за неверување во исходноста за премостување, ставајќи го често во состојба на колебливост, на граница помеѓу желбата и нејзиниот потенцијал.

Уметниците поканети за учество на 10-то Берлинско биенале доаѓаат од различни страни на светот: Јужна Африка, Бразил, Доминиканска Република, Индија, Намибија и Холандија, вмрежувајќи се во широк интернационален конструкт што ја слави годишнината на еманципаторските движења од 1968 година. Различни идентитети, кои опстојуваат во постколонијални контексти, сѐ уште се во потрага по својот дом. Берлин и Германија со својата отвореност кон светот им понудија на овие млади автори да најдат заеднички јазик да проговорат преку уметноста за бездомништвото што никогаш не завршило.
Имајќи пред себе навистина широка и разновидна палета од уметнички проекции, перформативни предлози и уште посилни авторски сугестии, исклучително е тешко да се издвојат неколку дела и автори, но останува пресуден моментот на надвладување на чувството на препознатливост, соединување со дадените нарации и доволна отвореност она што го гледаме/доживуваме во таа средба да нѐ промислува нас.
Гледајќи на ова биенале од организациски аспект, она што би можело да се преземе и евентуално да се спроведе како практика кај нас е дисперзивноста на павилјоните за изложување (на повеќе локации), со што би се анимирала заинтересираната публика. Голема предност и предизвик за авторите е просторот даден за изложување. Голем број автори би имале посебни комори со пространа расположлива површина. Давајќи им поголем простор, авторите би се нашле пред зголемена проектна поставеност од почеток, пред покомплексна задача, во обид да ги осмислат своите дела низ нови изразни и обликовни постапки, ставајќи ги пред предизвик за наоѓање нови макроконцепти во полето на неисцрпни можности. Овој концепт на макрореализација налага зголемена прагматичност во изборот на медиумска трансмисија. Поаѓајќи од фактот за успешна артикулација во простор, младите автори може да се разгледуваат како веќе зрели уметници, а со тоа и просудувањето на нивните дела/проекти ѝ припаѓа на една повисока категорија, мерлива во поширок контекст.