Министерката за правда Рената Дескоска денеска изјави дека се работи на закон за спречување на корупцијата и една од задачите на работната група е да дефинира нов модел на Антикорупциска комисија која ќе биде експертска, ослободена од какви било политички влијанија и која ќе има ингеренции навистина да ја врши својата работа онака како што треба.
– Дилемата беше дали вреди да се формира Антикорупциска комисија на краток рок, според сегашните закони или, пак, да се формира Комисија која ќе има капацитет. Верувајте мојот пристап е дека треба да имаме суштински измени, а не само проформа да задоволуваме определени барања и да прикажеме дека нешто сме направиле. Навистина интересот и желбата е да имаме Антикорупциска комисија која ќе има капацитет да ја врши својата функција- изјави Дескоска пред почетокот на дебатата за борба против корупцијата.
Дескоска рече дека го очекува законот од работната група која веќе имала неколку состаноци и оти имаат одредена верзија која, како што рече, треба да ја разгледаме. Потоа законот ќе влезе во собраниска процедура и, како што додаде, очекува на есен оваа комисија да биде формирана.
Министерката за правда истакна дека борбата со корупцијата е еден од стратешките приоритети на новата Влада и оти има повеќе инструменти во таа сфера.
– Една од меѓународните организации која упатува препораки во Република Македонија и во другите земји за надминување на проблемот со корупцијата е ГРЕКО. За жал морам да констатирам дека ние имаме препораки кои стојат пред нас за исполнување, а кои биле дадени уште во 2013 година и дел од нив се уште не се исполнети. Така што во најскоро време ќе биде формирана комисија која ќе работи на имплментација, но и на мониторинг на имплементацијата на овие препораки. Целта е да се усогласиме прво во делот на законодавството со она што значи европски стандарди за борба со корупцијата, а потоа и со другите механизми кои треба да помогнат за имплементација на законите, рече Дескоска.
Нагласи дека судството е исто така еден од клучните фактори во борбата против корупцијата. Според неа, особено загрижувачки е доколку се утврдат појави на корупција во рамки на судството бидејќи тоа е органот кој всушност треба да се бори со корупцијата. Најави дека посебно внимание ќе биде посветено и на она што значи создавање законска основа за ефикасност на судството во борба против корупцијата.
– Дефиницијата за корупцијата не е само добивање на материјални, конкретни средства, туку и влијанието кое може да биде пошироко врз судиите во решавање на определени предмети- рече Дескоска.