Приштина – Американскиот аналитичар и експерт за ситуацијата во Западен Балкан, Едвард Џозеф, вели дека не гледа начин за договор меѓу Косово и Србија. Тој рече дека средбата на 12 јули меѓу Косово и Србија може да доведе до чекори како подобрување на трговијата или зголемување на инвестициите. Џозеф за РСЕ рече дека не гледа начин за сеопфатен и обврзувачки договор, додавајќи дека обвинението за воени злосторства против Хашим Тачи е сериозно и дополнително го комплицира претставувањето на Косово во дијалогот. Според него, архитектурата што Белата куќа ја изградила околу Тачи не успеала.
(„Газета експрес“)
Белград – Поради лошата епидемиолошка ситуација во Црна Гора ќе биде воведена мерка за задолжителна самоизолација од 14 дена за сите граѓани на Црна Гора што ќе влезат во Србија. На српските државјани со месеци им е оневозможен влез во Црна Гора, бидејќи автоматски се испраќаат во 14-дневна изолација, а од вчера за граѓаните на Србија наместо самоизолација, задолжителен е карантин. Во Црна Гора во последните 24 часа се откриени 60 новозаразени лица („Блиц“)
Сплит – На свадбена веселба во околината на Сплит, Хрватска, деновиве, со коронавирус се заразиле 12 лица. Според извештајот на Националниот штаб за јавно здравје, од вкупно 166 обработени тестови од подрачјето на Сплитско-далматинската жупанија се потврдени 14 новозаболени лица. Сите новозаболени се епидемиолошки обработени, а нивните контакти се обработуваат. Во самоизолација се 160 лица, а ни едно позитивно лице не е во болница. („Слободна Далмација“)
Бисер балкански
Кашлица за амбасадорката
– Денеска на улица ме запре и ме праша за правец госпоѓа што работи во Институтот за јавно здравје. Додека се обидував да ѝ објаснам, еден човек помина покрај неа и намерно кашлаше во нашиот правец кога ја виде нејзината работна униформа. Вџашена сум. Овој пример не ја претставува Црна Гора што ја познавам и сакам – напиша на Твитер британската амбасадорка во Црна Гора, Алисон Кемп, за настанот што ѝ се случил во Подгорица.