Во хрватски Иванец на фестивал без класични вајарски длета учествуваше и една жена
На четвртото издание на „Хрватскиот вајарски фестивал со моторна пила“, кој се одржа во тамошниот град Иванец, првпат учествуваше и една скулпторка, Хелена Рисмондо од Смледник, Словенија. Фестивалот е одржан во паркот на старото училиште „Салиновец“, на 16 и 17 јуни, а својата умешност во работата со моторна пила во изработката на предмети од дрво ја претставија 16 скулптори, од кои седум од Хрватска, пет од Словенија и четворица од Словачка. Со прво место е наградена скулптурата „Богомолка“, на скулпторот Дражен Кухаровиќ од Копривница, која ја обединила наградата на публиката и на стручното жири. Второто место го поделиле: „Мечкина дупка“ на Жељко Илиќ од Клањец (Хрватска) и „Козорог“ на Павол Хајдук од Михалово (Словачка).
Третото место им припаднало на делата „Сирена“ на Круно Посавац од Подравски Сесвети и „Грозд“ на Јосип Томаиќ од Красно исто така од Хрватска. Натпреварот во брза изработка на скулптури за 60 минути се смета за исклучително атрактивна дисциплина на фестивалот во која победил Матија Вавди од Солчава (Словенија) со скулптура на мува, која постигнала најголема цена. Стручното жири за доделување на наградата го сочинувале: Јосип Бач (академски графичар) и Крешимир Род (академски скулптор).
„Хрватскиот вајарски фестивал со моторна пила“, според процената на организаторите (друштвото за спортска рекреација „Салиновец“ и Шумарскиот факултет од Загреб), годинава го посетиле околу илјада луѓе. Идејата за неговото создавање, како што пренесоа некои од хрватските медиуми, потекнува од иванечкиот скулптор Дарио Хорбец, кој со ваквиот тип вајарство се занимава повеќе години, а учествувал и на повеќе слични манифестации во соседните држави.