Карантините поради коронавирусот можат да бидат причина за радикализација на лица осомничени за тероризам, предупреди полициската агенција на ЕУ, која минатата недела дополнително посочи дека на Стариот Континент има дури и подем на десничарското и на левичарското насилство
„Европол“ предупредува
Економското и општественото влијание на пандемијата во светот може да го разгори актуелното незадоволство, а тоа дополнително да ја подгрее радикализацијата на Стариот Континент. Ова, меѓу другото, се наведува во последниот извештај на „Европол“ објавен минатата недела во кој, меѓу другото, се посочува дека во Европа во моментов дополнително има дури и подем на десничарското и на левичарското насилство поради рестриктивните мерки преземени од некои земји, како заштита од пандемијата предизвикана од ковид-19. Во таа насока директорката на „Европол“, Катрин де Бол, во соопштението за извештајот на организацијата за најновите терористички трендови, истакнува дека иако исламистичките терористички напади во Европа се намалиле генерално, но сепак, според нивните сознанија, постои определена опасност од радикални групи, кои можат во блиска иднина да ја загрозат безбедноста во некои европски земји.
– Ваквиот развој на настаните има шанси дополнително да ја поттикне радикализацијата на некои поединци без оглед на нивното идеолошко убедување. Активистите од левиот и од десниот политички спектар, како и вмешаните во џихадистички тероризам, сакаат да ја искористат состојбата со пандемијата за да ги пропагираат нивните цели – наведе Де Бол во извештајот.
Во анализата, која ја објави бриселскиот сајт „Еурактив“, се вели дека исламистичките терористички напади во Европа се намалени генерално поради подоброто спроведување на Законот за безбедност во ЕУ, со тоа што во 2019 година биле регистрирани единствено седум „успешни или неуспешни“ џихадистички напади. Сепак, „Европол“ предупредува за зачестување на нападите од страна на десничарските екстремисти, делумно инспирирани од напади како оној лани од Крајстчрч во Нов Зеланд.
– Иако многу десничарски екстремистички групи низ ЕУ не се свртеа кон насилство, сепак тие придонесуваат за стравот и нетрпеливоста кон малцинските групи. Ваквата клима изградена на ксенофобија, омраза кон Евреите, муслиманите и кон доселениците, може да го намали прагот на толеранција за некои радикализирани поединци и да се свртат кон насилство – порача Де Бол.
Во тој контекст, лани три земји од ЕУ пријавија вкупно шести десничарски напади од кои еден беше извршен, споредено со само еден регистриран една година претходно. Еден од најтешките напади беше пукањето во синагогата во германскиот град Хале минатата година во октомври при што загинаа две лица.
Инаку, низ Европа, главно во Италија, Грција и во Шпанија во изминатиот период беа регистрирани 26 левичарски и анархистички напади што е слична бројка како онаа од пред две години, по намалувањето во 2018 година. Со тоа, како што наведува „Еурактив“, тројно е зголемен бројот на апсења под сомнение за левичарски или анархистички терористички престапи во однос на претходните години. Според извештајот на „Европол“, повеќето од уапсените лица се поврзуваат со насилни протести и судири со италијанската полиција.