Недостигот од нови кадри во военото воздухопловство е причината поради која државите од регионот, тука вклучувајќи ја и Македонија под закрила на НАТО, неодамна потпишаа иницијатива за формирање заеднички центар за обука на воени пилоти и специјализирани пилоти на дронови.
Во своја анализа на оваа тема, новинската агенција Б-92 пишува дека вакво писмо со намери месецов е потпишано од Македонија, Црна Гора, Бугарија, Хрватска, Унгарија, Романија и од Грција. Според иницијативата, станува збор за економско решение, кое комбинирајќи ги ресурсите и финансиите на државите ќе придонесе за збогатување на персоналот во армиите за оваа намена.
Според новинската агенција, проектот предвидува вмрежување на сите постојни ресурси на балканските држави од оваа образовна област, кои откога би се здружиле би оформиле еден голем регионален образовен НАТО-центар за оваа намена, во кој би се образувале идните пилоти.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека самото членство во НАТО е одлична можност нашата држава да се здружува во вакви и слични иницијативи. Тој потсетува дека на сличен начин со располагање на заедничките безбедносни образовни институции веќе со декади функционираат земјите од Балтикот, но и оние од Централна и од Источна Европа.
– Што се однесува до прашањата со борбените пилоти, Македонија има многу да им понуди на сојузниците. Ние располагаме со еден од најсовремените образовни центри за обука на хеликоптерски пилоти, а преку ваква иницијатива можеме полесно да ги пополниме капацитетите на образовната институција, кои можат со сигурност да ја наполнат државата каса со пари – вели Стефаноски.
Според него, од друга страна, многу примамливо звучи делот на оваа иницијатива во кој се споменува обука на пилоти за управување со дронови и вели дека Македонија би можела многу подобро да ги исползува нашите летала доколку со нив во иднина раководат стручно обучени и специјализирани пилоти за оваа намена.