„СОС детско село“, меѓународна невладина организација за социјална заштита, посветена на заштита и примена на детските права, прослави 19 години постоење и работа со деца без родители и родителска грижа во нашата земја.
Детското село во нашата змеја создаде топол дом, љубов и грижа за 200 деца без родители и родителска грижа, поддржа повеќе од 60 млади без родители и родителска грижа, а на почетокот на нивниот независен живот беше тука за вкупно 35 млади лица. Досега поддржа и 313 семејства во социјален ризик со вкупно 911 деца, им помогна на 470 млади невработени лица, отвори 56 мали бизниси и вработи 155 лица.
Под мотото „Едно семејство“, во дворот, дечињата пуштија сини и бели балони и на симболичен начин го одбележаа и Меѓународниот ден на СОС детските села во светот.
– Правото на семејство и правото на инклузија се едни од основните права на детето и се наоѓаат на високо место на агендата на Обединетите нации, како осма од Целите за одржлив развој за 2015 – 2030.
Денес, кога сите ние се соочуваме со предизвикот од пандемијата на коронавирусот, да се обединиме во духот на солидарноста и хуманоста и да не забораваме дека токму сега сме уште поодговорни да ги обезбедиме основните права на овие деца, нудејќи им топол дом, љубов, грижа и сигурност – изјави националната директорка Јулијана Гапо.