Турција почна нова воена операција против курдските бунтовници во северен Ирак, соопшти Министерството за одбрана по серија воздушни напади.
Нападнати се позициите на Курдската работничка партија (ПКК) и други терористички групи, соопшти Министерството, без да ги именува.
Државната мрежа ТРТ објави дека стотици војници влегле во северен Ирак од градот Улудере во турската погранична провинција Сирнак.
Артилеријата погодила повеќе од 150 цели, јавува новинската агенција „Анадолу“.
Ова е втора операција во последните денови во северен Ирак, бидејќи претходниот ден целите беа на подрачјето на планините Кандил во близина на границата со Иран.
Официјален Багдад ги осуди нападите како кршење на ирачкиот суверенитет и меѓународното право.
Министерството за одбрана на Турција ја оправда новата операција како „легитимно право на самоодбрана“ од ПКК и другите терористички групи за кои вели дека ги напаѓаат турските позиции и бази.
Турција, САД и Европската Унија сметаат дека ПКК е терористичка организација.