Утревечер во 19 часот ќе се одржи онлајн промоција на книгата за деца „Будимир и ретките животни“ од Зоран Пеневски, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“. Промоцијата ќе се одвива на платформата Зум, а ќе може да се проследи на Фејсбук преку профилот на „Литература.мк“.
Станува збор за интересна книга, наменета за сите љубопитни деца, кои сакаат да дознаат повеќе за ретките животни. Приказната се движи околу Будимир. Благодарение на нотесот на неговиот татко, Будимир собира шест ретки животни, а секое од нив е последниот примерок од својот вид. Но како да се живее со една зајадлива птица и со другите палави суштества покрај секојдневните обврски? Авантурата почнува кога сите ќе тргнат во посета на Домот за стари лица… Духовита приказна што нè потсетува на тоа дека нас, како луѓе, нè определува и нашиот однос кон животните.
Книгата „Будимир и ретките животни“ најпрвин е објавена во 2013 година, на српски јазик во издание на „Креативни центар“.
Зоран Пеневски (Панчево, 1967 г.) е писател, сценарист и преведувач. Автор е на романите „Лектор“ (СКЦ Нови Сад, 2015), „Траги од отсуство“ (Океан, 2008), „Помалку важни злосторства“ (стипендија од фондот „Борислав Пекиќ“, Океан, 2005 година) и други. Со Ивица Стевановиќ е коавтор на првиот српски графички роман „Љубезни трупови“. Има објавувано приказни, текстови, прегледи, критики и есеи (за литература, стрипови, музика, илустрации и др.) во списанијата „Свеске“, НИН, „Време“, „Вечерње новости“, „Данас“… Има преведено повеќе од педесет книги (од англиски, германски и од македонски јазик) и има уредено повеќе од сто изданија. Негови дела се преведени на англиски, француски, холандски и на македонски јазик.